Време за на снег

Најдобра возраст за почнување со скијање е на 5-7 години и тоа по можност со учител по скијање. На помала возраст детето нема доволно концентрација и координација.

12:30 | 09.02.2010 | Автор: Билјана Илиќ Героска

Ако сакате вашето дете да научи да скија, најдобро е да го запишете во училиште за скијање. За децата помали од четири години постојат градинки за скијање. Неопходно е да се обезбеди и потребната опрема за скијање во која спаѓаат кацига, скии и стапови, скијачки панталони и јакна, ракавици што не пропуштаат вода, цврсти и стабилни скијачки чевли, скијачки очила и крема за заштита од сонце.
Скиите не смеат да бидат поголеми од детето. Нивната висина треба да биде до неговите раменици. Скијачката облека може да се купи на старо – преку огласи или на саеми наменети за тоа зашто до следната сезона таа облека веќе ќе му биде мала на детето. Освен тоа, скијачката облека може да се изнајми на сите скијачки места. Добро е ако со недели пред да појде на скијање детето редовно вежба загревање на мускулите. Кога конечно ќе застане на скии, најважно е со помош на учителот да научи да одржува рамнотежа и да ја контролира брзината. Кога тоа ќе го совлада, ќе исчезне стравот и несигурноста и детето е подготвено за нови скијачки подвизи.
Најдобра возраст за почеток на детето со скијање е од 5 до 7 години и тоа по можност со стручно лице, односно со учител по скијање.
- На помала возраст детето нема доволно концентрација и развиена способност за координација, при што само ги имитира и импровизира вежбите што му се зададени. Амбициозните родители почнуваат да ги учат децата на многу рана возраст без стручна помош, при што се прават грешки кои понатаму во подоцнежна возраст учителот по скијање не може да ги поправи - вели Петре Иванов, учителот по скијање.

Облека и кацига
Изборот на опремата е најбитен за првата средба на детето со скијањето.
- Добри чевли се тие што имаат број соодветен за ногата на детето, односно половина или цел број поголеми од тие што вообичаено ги носи. Скиите треба да бидат со висина која одговара на висината на детето. Нормално сето тоа мора да биде во консултација со стручно лице. Друга дополнителна опрема што треба да ја имаат децата се стапчињата кои треба да одговараат на висината на детето, очила кои ќе го штитат од ветер, од снег и од ултравиолетови зраци, ракавици кои треба да бидат од материјал кој не пропушта. Облеката треба да биде комотна, може да биде едноделна или дводелна, но најважно е да го штити детето од ветер и од студ. Наместо капа, препорачливо е да носи кацига која штити од падови, удари и од студ. Препорачливо е облеката и опремата да се купат на старо и со растот на детето соодветно да се менува во продавниците специјализирани за размена на опрема: мала за голема или старо за ново - советува Иванов.
Но, доколку родителите се во можност, може да купат и нова опрема. Сепак, најприменета размена кај нас е помалите деца во семејството да ја користат опремата на своите постари браќа или сестри, нормално со мали корекции. Во многу светски метрополи постојат саеми, но кај нас такви манифестации од поголем размер нема. Традиционално, во Скопје со години постои размена на опрема за скијање во дворот и игралиштето на училиштето „Орце Николов“ во близина на градскиот парк.
Инструкторот Иванов предлага да се направи пазар за скијачка опрема од поголем размер, како во другите европски градови.

Какви скии да изберете
Во поново време родителите имаат можност да изберат скии во две форми. Според Иванов, карвинг скиите треба да се изберат по висина, која треба да биде од брадата до веѓите, а за почеток доаѓаат предвид и пониски, додека алпските (стариот вид скии) треба да бидат до височината на детето и никако повисоки бидејќи тешко ќе ги изведува скијачките ликови. Кој вид ќе го изберат родителите зависи од нив, но во принцип и со карвинг и со алпските скии се доаѓа до целта - правилно совладување на скијачките ликови. Стравот и несигурноста кај детето постои како и пред с$ што е ново и непознато. Со правилен пристап, со групна работа преку игра и забава, нормално со деца на иста или приближна возраст, на подготвен терен каде што децата безгрижно и правилно ќе ги изведуваат основните ликови, стравот и несигурноста исчезнува.