» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Новиот „Веро“ отворен во полн сјај
09:00 | 02.09.2010 | Автор: Шпиц
Шопинг-центарот на „Веро“, сместен спроти Народна банка на Македонија во строгиот центар на Скопје, содржи 42 продавници во кои се отворени околу 500 нови работни места. Околу 270 вработени ќе го опслужуваат супермаркетот „Веро“ и детската продавница „Џамбо“, а останатите 240 се вработени во другите продавници на шопинг-центарот, велат грчките газди, кои вчера ги отворија вратите на новиот „Веро“, еден од најголемите трговски центри во земјава. При обиколката на супермаркетот, дознавме дека дел од вработените биле претходно ангажирани во другите маркети на компанијата и сега се префрлени во новиот супермаркет, додека дел од нив се нововработени. Поголемиот дел од вработените, кои имаат факултетска диплома, добиле вработување како продавачи и касиери. Самите вработени во супермаркетот потврдуваат дека повеќето од нив се со високо образование, а од менаџерскиот тим на „Веро“ не даваат одговор колку од ангажираните лица се нововработени, а колку се префрлени од другите маркети, ниту, пак, сакаат да коментираат за образованието на вработените. - Не сум нововработен, туку само сум префрлен од друг маркет во градот, но имам и нови колеги - вели продавач на еден од штандовите во супермаркетот.
Повеќето од продавачите се задоволни што добиле какво-такво вработување без оглед дали ја вложиле својата диплома за високо образование. - Секако дека има многу вработени со диплома од факултет. Не знам дали повеќето се високообразовани или пак се среднисти, но имам колеги на кои ова им е прво вработување и тие се задоволни што работат како продавачи или касиери, иако се инженери или правници - вели една од касиерките во супермаркетот, која веќе има работено во другите маркети на „Веро“. Новиот „Веро“, со површина од 40.000 квадратни метри е еден од најголемите трговски центри во земјава. Инвеститор е грчката фирма „Веропулос“, која вложи околу 40 милиони евра за изградба на објектот. - Ми причинува огромна среќа и задоволство што конечно го гледам пред себе сонот кој долго време го сонувавме. Се надеваме дека огромниот труд и верба кои ги вложивме, ќе бидат видливи за сите кои ќе го посетат нашиот продажен центар и ќе стане нивна омилена дестинација за пазарење - изјави сопственикот на компанијата, Никос Веропулос.
Скопјани од вчера добија можност да го посетуваат новиот „Веро“ каде што се сместени продавници на повеќе светски брендови, меѓу кои на македонскиот пазар ќе се претстават премиерно, какви што се грчкиот „Џамбо“ и германскиот „Њујоркер“. Пазарувањето и обиколката на купувачите им го олеснуваат 19 лифта, ескалатори и подвижни ленти, како и 96 безбедносни камери. Најголем дел од првиот кат е резервиран за супермаркетот „Веро“, сместен на површина од речиси 5.000 квадрати, кој ќе биде најголемиот маркет изграден досега во државата. Во центарот има и бесплатна детска игротека на 300 квадратни метри, продавници на сите три мобилни оператори во земјава, продавници кои ќе нудат стока со македонски брендови, како и затворен паркинг на две нивоа со капацитет од 500 возила, каде што паркирањето се наплаќа. На третиот кат ќе бидат сместени канцелариите на дирекцијата на „Веро“, која се пресели од досегашната локација во Тафталиџе. Работното време на шопинг-центарот во работните денови ќе биде од 8 часот до полноќ, односно до еден часот по полноќ во викендите. Маркетот и бутиците, пак, ќе имаат работно време од 8 или од 9 часот до 22 часот. На 4 септември, сабота, најавена е голема забава со која ќе се прослави и ќе се одбележи официјалното отворање.


