» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Во печуркарството повеќе се вложува отколку што се добива
Од 20 тони семенски материјал се добива род од околу четири тони шампињони, кои со обработка дополнително калираат
21:00 | 11.03.2010 | Автор: Шпиц
Специфичност во одгледувањето печурки е просторот, кој треба да биде подрумски или, пак, простор кој не се користи за друга намена и треба да биде соодветно приспособен. Температурата, влажноста и хигиената се најбитните фактори за успешен род. Одвоените средства за приспособување на просторот се високи, но високи се и трошоците кои се потребни за три месеци, колку што трае една сезона на шампињони.
Тие што решиле да почнат бизнис со печурки треба да бидат информирани за повеќето услови потребни за одгледување на оваа култура, вели Киро Динов од Криволак, кој седум години се занимава со печуркарство.
За простор од 400 кубни метри, кој треба да се опреми со соодветни уреди со кои се следат температурата, влажноста, светлината и хигиената потребни за создавање идеални услови за развој на шампињоните, потребни се околу 25.000 евра. На овој простор опремен со рафтови на неколку катови може да се насади 20 тони компост (семенски материјал), кој чини околу 4.500 евра, а се набавува најчесто од Србија. Може да се набавува и од Унгарија, но поради дополнителните трошоци за транспорт, производителите на печурки, компостот го набавуваат од соседството. Хумусот или „тресец“, кој се користи за потхранување на предвидените количества семе кои даваат род во период од три месеци, чини околу 10.000 евра.
Во тој период, секојдневно се контролираат условите, најпрво за инкубацијата на компостот, која трае различно во зависност од квалитетот на семето и од условите каде што се одгледува. Бербата се одвива во период од месец и половина ако успешно се одгледува компостот. Родот што го даваат шампињоните изнесува околу 20 отсто од тежината на семенскиот материјал.
Од вака предвидените параметри на вложени средства, печуркарот Динов вели дека успева да создаде идеални услови за одгледување шампињони, од кои по три месеци посветена работа успева да собере околу 4 тони печурки. Тој објаснува дека откако ќе се собере родот останува финалната обработка (маринирање) на печурките, која чини дополнително. Откупната цена на маринираните шампињони на големо по дисконти или откупни магацини изнесува од 150 до 180 денари, додека пак цената на свежите, за кои е потребно и соодветно пакување изнесува од 100 до 120 денари по килограм. Тој додава дека печурките при обработката калираат околу 50 отсто, со што се намалува тежината на предвидениот род од единица мерка за компост. По завршувањето на една сезона на печурките, просторот се чисти и се дезинфицира и повторно се посадува со друга тура на семе, кое во следните три месеци ќе донесе нов род.
Конечните пресметки на Динов, според кои, месечната заработка од шампињоните изнесува околу 15 до 20.000 денари, не се задоволителни во споредба со вложувањата, но, сепак, тој се надева на подобри услови и очекува овој бизнис повеќе да се развие. Работата со печурки тој ја оквалификува како макотрпна, но истовремено како предизвикувачка, затоа што, како што вели, заработката од оваа култура е секогаш различна и зависи од повеќе услови, но најмногу од трудот и од познавањето на сите фактори во одгледувањето кои можат да доведат до поголем род.


