» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Глигоров - Флуктуациите на еврото не треба да загрижуваат
15:15 | 20.05.2010 | Автор: МИА
Флуктуациите на валути, како што е еврото не би требало да бидат загрижувачки, а тоа нема негативно да влијае ниту на македонската економија, оценува Владимир Глигоров експерт при Виенскиот институт за меѓународни економски студии.- Генерално ова што девалвира односно депресира еврото за овие земји кои имаат валутни одбори или имаат фиксен курс како Македонија не би требало да биде лошо бидејќи единствен начин во Македонија да се девалвира е да девалвира еврото, бидејќи тука курсот е фиксен. Друга работа е што извозот на доларски пазар или на некои други пазари не е голем така што во трговијата со европските или со другите земји кои го користат еврото нема да има некој голем ефект, но тоа маргинално би требало да биде добро, изјави Глигоров по Конференцијата во Скопје „Европа кон Лисабонскиот договор“ организирана од Универзитетот „Американ колеџ“.Тоа посебно би требало да биде добро, додава, за земји како Грција, Шпанија, Португалија итн. чиј туристички сектор ќе биде поатрактивен за привлекување на туристи вон Европа, но и за Германија како една голема извозна земја бидејќи ќе биде поконкурентна.Она што ја загрижува Централната банка во Франкфурт, вели Глигоров, е можноста од инфлаторни последици, која би повлекла покачување на каматните стапки за да се одржи курсот на еврото, а тоа, што како што вели, во овој момент би имало доста негативен ефект.- Колку што јас гледам нема намера тоа да се прави, Германија презема други мерки, а тоа е да се ограничува шпекулација односно тргување со еврото. Ќе видиме понатаму како тоа ќе се движи, но генерално тие движења на такви валути како што е еврото горе-долу не би требало да бидат загрижувачки, вели Глигоров.Запашан за грчката криза и како таа може да влијае, тој вели дека на неа може да се гледа од два аспекта, едниот кој ја поврзува со преголемата фискална потрошувачка и задолжувањето и вториот според кој можна е нова банкарска криза во земјите кои имаат големи банки доколку не може да се наплатат тие долгови, посочувајќи на Германија, Британија па и на грчкиот банкарски систем.- Моментално дијагнозата е дека она во Грција и на други места е предизвикано од преголемата фискална потрошувачка, значи јавна потрошувачка, фискален дефицит и сега препораката е тие дефицити да се намалат што може да биде сериозен проблем, бидејќи инвеститорите од тоа заклучуваат дека ќе биде послабо или поспоро опоравувањето на европското стопанство, а тоа значи помал интерес за вложување, посочува Глигоров.Според другиот аспект, подвлекува, главниот проблем е малата можност на овие земји да извезуваат, значи еден голем дебаланс и една акумулација на странски долгови што е сигурно точно во сите овие земји, тогаш фискалната консолидација не е права мерка за тоа, туку да се изврши притисок да се намалуваат трошоците, значи платите пред се, за да можат тие стопанства да бидат поконкурентни.- Тоа е еден подолг пат што значи дека тоа би можело да делува доста депресивно на овие земји за неколку години. Такви процеси се изведувани во Латинска Америка и во Азија и траеле по пет, шест до седум години, зависно од земја до земја и тоа може да биде проблем, рече економскиот експерт.Во однос на економската политика во Македонија Глигоров рече дека не е запознаен со актуелните потези на Владата, но негова препорака е аранжман со ММФ, ребаланс на буџетот и штедење.- Пред една година или малку помалку кога тоа беше актуелно и кога јас одблизу ги следев тие работи мене ми се чинеше дека ќе беше добра идеја да се направи спогодба со ММФ за да може да се релаксира таа платно-билансна ситуација во тоа време посебно затоа што тогаш ММФ беше доста наклонет кон фискална експанзија и беше подготвен тоа да го финансираа, имаат и средства од ЕУ кои можат за тоа да се искористат и тоа е се разбира со пониска камата отколку на комерцијален пазар. Сега да се зајмува на комерцијален пазар кога овие ризици заради Грција многу, високи се каматите тоа не е најдобро и е многу скапо. Тука останува сигурно со ребаланси и други начини тоа да се врши и мислам дека и натаму би требало, како што и порано беше проблемот, да се види како целата таа макроекономска конфигурација во Македонија да се реформира. Станува проблем за таа фиксација на курсот кој практично ги ограничува сите други можности и тоа може да се разгледа. Инаку, следни чекори се штедењето, порачува Владимир Глигоров.


