» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Македонија конечно ќе преговара за железничкото спојување
По три месеци неизвесност, Оливер Дерковски, директор на „Македонски железници-транспорт“, вчера обелодени дека „Македонија дефинитивно има желба да стане дел од железничката алијанса“ што решија да ја формираат Словенија, Хрватска и Србија. Останува нејасно зошто чекавме „посебна покана“ додека функционери од железничките компании на трите земји-иницијатори јавно ја повикуваа земјава да се приклучи кон заедничкиот проект.
09:00 | 25.08.2010 | Автор: Влатко Стојановски
По тримесечен молк и тактизирање од надлежните државни институции за проектот за заедничка железница на земјите од т.н. „Југосфера“, вчера од „Македонски железници-транспорт“ официјално потврдија дека и Македонија се приклучува на железничка иницијатива што ја предводат Словенија, Хрватска и Србија. - Македонија дефинитивно има желба да стане дел од железничката алијанса што дваесет години по распадот на поранешна СФРЈ решија да ја формираат Словенија, Хрватска и Србија, а чија цел е поефикасен, порентабилен и побрз превоз на стоки и патници во регионот - изјави за „Форум“ директорот на компанијата, Оливер Дерковски, кој на 31 август годинава ќе отпатува во Словенија, каде што на средба со раководството на словенечката железница ќе разговара за деталите за вклучувањето на земјава во овој проект. Како што објасни тој, во јавноста се создала погрешна слика дека Македонија не изразила подготвеност да учествува во новата железничка алијанса. Според него, трите земји-иницијатори на проектот тргнале со заедничка идеја овој проект да ги обедини работата на трите железници и да се привлече сообраќајот од Коридорот 4, кој преку Унгарија и Романија, ги поврзува европските земји со Бугарија и Турција.
- Поради тоа, покана за учество на Македонија во овој проект најпрво воопшто немаше. Меѓутоа, отпосле беше сфатено значењето на Коридорот 10, кој минува и низ Македонија, по што следуваше и покана до нашата земја - вели Дерковски, истакнувајќи дека македонската страна позитивно одговорила на поканата и сега дополнително ќе се договара на кој начин нашата земја би се вклучила во новата железничка алијанса.
Инаку, пред еден месец „Шпиц“ пишуваше дека земјава незаинтересирано седи со скрстени раце и на готово чека на покана за да се вклучи во заедничката железница уште од месец мај, кога беше постигнат договорот за формирање на алијансата, а во меѓувреме, високи претставници на железниците од трите земји-потписнички јавно порачуваа дека вратата е отворена како за Бугарија и Турција, така и за Македонија. За опозицискиот СДСМ останува отворено прашањето зошто земјава толку време чекаше на добра волја на Словенија, Хрватска или Србија да ја викнат да се приклучи кон железницата, наместо да покаже самоиницијативност и да се наметне како четврт партнер.
- Македонија веќе губи многу на економски план, пред се, во полето на туризмот, но и при извозот и увоз на стоки, поради тоа што е отсечена од регионот и Европа. Не знам зошто железници чекаа 3 месеци, како што владата чека со години да го обнови Коридорот 8 кон Бугарија - изјави Томе Чингоски од СДСМ, кој не верува дека државата ќе успее да влезе во проектот на регионалното железничко спојување, туку само создава лажна слика дека нешто работи.
Мите Митевски од здружението за сообраќај при Стопанската комора на Македонија вели бизнисмените би имале голема корист од железничкото спојување, кое, според него, значи отворање кон пазарот. - Во услови на глобализација, секое олеснето движење на луѓе и стоки игра важна улога во бизнисот - изјави Митевски. Сепак, тој посочува дека треба да ги почекаме деталите од условите под кои земјава би се приклучила кон овој проект, кои ќе ги знаеме следниот месец.


