Македонија со највисок напредок според економските слободи во 2010

16:15 | 20.01.2010 | Автор: МИА

Македонија е меѓу државите со најголем напредок според индексот на економска слобода за 2010, што го објавија Фондацијата Херитиџ и Вол стрит журнал. Таа е рангирана на 56. место во светот, што е за 22 позиции подобро од претходната година.

Според Извештајот, Македонија напредувала за 4,5 индексни поени и се наоѓа во групата на главно економски слободни држави.Највисока оценка има добиено во сферата на фискалната и трговската слобода, а најслаби во имотно-правните односи и справувањето со корупцијата.

Констатиран е напредок во пазарот на работната сила, даночните реформи и монетарната слобода. Македонија, според извештајот, има високо ниво на трговски, фискални и монетарна слобода. Даночниот систем е оценет како конкурентен, а е забележано и подобрување кај даночната администрација. Монетарната стабилност се одржува релативно добро. Македонија е генерално економски отворена кон светот, а финансискиот сектор релативно добро ја преброди глобалната криза.

На Македонија и е потребно институционално подобрување во имотните правните односи и борбата со корупцијата. Судскиот систем се уште е подложен на корупција и политичко влијание, поради што не е ефикасен, а сериозни проблеми остануваат и трговијата со луѓе, дрога и оружје, оценуваат Фондацијата Херитиџ и Вол стрит журнал.

- Постигнатите резултати се и обврска за во иднината. Постои значителен простор за подобрување во определени компоненти на индексот и нашите напори ќе продолжат во таа насока, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на прес-конференција на која беше објавен напредокот на Македонија за 22 места погоре.

Според Пешевски, подобрувањето се должи пред се на активностите преземени во изминатиот период во економската сфера како што се намалувањето на фискалниот товар врз компаниите и стопанството, големиот број постоечки договори за слободна трговија со државите во светот и фискалните политики водени во овој период.

Прашан како ги коментира слабостите во имотно-правните односи и справувањето со корупцијата, Пешевски нагласи дека сепак има подобрување во однос на изминатата година.

- Сепак, сметам дека дел од постапките и разрешувањето на некои отворени прашања што ги имаме со определни инвеститори во државата, кои очекувам во скоро време да бидат надминати ќе резултираат и со подобрување на овој индекс, рече Пешевски.

Од земјите во регионот, Македонија е единствено рангирана по Албанија која се наоѓа на 53. место, а е подобра од сите поранешни југословенски држави и од поголем дел од земјите во регионот.

Според извештајот, најголеми економски слободи има во Хонг Конг, Сингапур и Австралија. Меѓу 10-те земји на врвот се и Нов Зеланд, Ирска, Швајцарија, Канада, САД, Данска и Чиле, а на дното на листата се бурма, Еритреја, Куба, Зимбабве и Северна Кореја.