Менаџментот е вештина која треба да се стекне

Во Македонија има сериозен недостиг од менаџерски вештини, или подобро кажано, сериозен пристап кон менаџментот воопшто.

09:00 | 23.08.2010 | Автор: Шпиц

Има менаџери на кои им симнувам капа, но далеку поголем е бројот на оние наши претприемачи, компании, претежно мали и средни, кои токму поради потценување на менаџментот, се наоѓаат во неконкурентна положба на пазарот, како во Македонија, така и надвор од неа - вели Зоран Витанов, претседател на ЦЕФЕ Македонија, кој викендов, во Бизнис старт-ап центарот во Битола, на петнаесетина заинтересирани им ги откриваше тајните како да станат успешни менаџери или раководители. Она што најчесто им недостига на менаџерите во земјава, според Витанов, се информациите. - Тие претпоставуваат дека нешто знаат или претпоставуваат дека нештата функционираат онака како што тие си замислиле. Ги потценуваат знаењата и вештините и во почеток мислат дека ќе успеат ако имаат пари. Поради таквите предрасуди, кога ќе се соочат со пазарот, наидуваат на сериозни препреки и се наоѓаат во неконкурентна положба во однос на другите – вели тој.Состојбите се подобруваат многу полека, а за тоа, за жал, придонесуваат негативните искуства. Конкурентноста на пазарот, условите на криза, направија на површина да испливаат недостатоците на менаџерите, кои увидоа дека мораат да работат на себе и на усовршување на своите менаџерски вештини. - За жал, кај нас се уште е мал бројот на менаџерите кои констатирале дека им треба обука. Дури и тогаш кога обуките се бесплатни. Колкав е точниот бројот не знам, но во принцип, успешни менаџери не се повеќе од 5 отсто од вкупниот број - вели Витанов.
Со него се согласуваат и присутните на обуката во БСЦ-Битола, кои дошле да научат нешто со што ќе го подобрат својот личен квалитет како менаџери. Љупчо Мирчевски, менаџер за продажба во битолска фирма, смета дека незнаењето прави менаџерите многу често да работат без план, избрзано, без да го испитаат пазарот. - Грешката треба да ја бараме во себеси и, по согледувањето каде грешиме, да работиме на подобрување на личниот квалитет, на комуникација со луѓето. Успешен менаџер е оној кој ќе ја оствари целта која ќе си ја постави. А за да ја оствари, треба да поседува одлични менаџерски вештини. Ако ги нема, треба да ги научи - се надоврзува Пеце Новевски, сопственик на кафетерија. Имајќи предвид дека кај нас, но и во светот, секој сака на побрз и поедноставен начин да ги научи нештата, го прашавме Витанов може ли да се зборува за десет чекори кои треба да се следат, за да се стане успешен менаџер во Македонија. - Може - ни одговори - треба да се осознаат личните менаџерски карактеристики, кои според ЦЕФЕ методата се десет на број. Значи, првиот чекор е да видиме кои од тие 10 ги поседуваме, а кои ги немаме. Не постои ниту еден менаџер кои ги поседува сите десет. И не е најуспешен оној што ги поседува сите, туку оној што знае кои менаџерски карактеристики ги поседува, а кои не. Компензацијата ја прави со оформување на тимот и пронаоѓање луѓе кои се најдобри за областа во која тој не е. Тоа е вториот чекор - оформување на тимот, а при тоа да се знае дека секој тим е група на луѓе, ама секоја група на луѓе не е тим. Преостанатите 8 чекори за успешен менаџер - вели - ќе ги дознаете на обуката на која не добивате теоретско знаење, туку се стекнувате со вештини. Морате искуствено да поминете низ практични, симулирани ситуации од реалниот живот, со кои како менаџери ќе се соочите. Тука, за време на обуката и да згрешите, грешката нема ништо да ве чини.