» Најкоментирани од последната недела:
Побарајте поволни услови за автомобилски кредит
21:00 | 08.03.2010 | Автор: Шпиц
Додека повеќето граѓани се во исчекување на новите пресметки на акцизата за автомобилите да стапат во сила, банките прават отстапки со кои ќе им овозможат на граѓаните со кредит полесно да дојдат до посакуваниот автомобил.
Тие што сакаат да купат автомобил, своите можности ќе ги усогласат со желбата за посакуваното возило, било да е тој нов или пак стар. Ако најлесно до пари можат да стигнат преку кредит, тогаш ги бараат условите што ги нудат банките. Можност за одобрување на автомобилски кредити даваат во повеќето комерцијални банки во државава.
Месечната отплата на кредитот за купување автомобил, кој го одобрува Комерцијална банка е различна и зависи не само од кредитоспособноста на кредитобарателот, туку и од тоа и каков залог се остава, од тоа дали за враќање на кредитот гарантира еден или пак двајца жиранти, од учеството со депозит во кредитот, како и од бројот на месечните рати во кое се отплатува. За автомобилски кредит како гарант да може бидат еден или двајца жиранти, може да се заложи возилото или пак да се стави хипотека на недвижен имот. Учеството во кредитот со депозит може да биде од 20 до 50 отсто од вредноста на кредитот, од што зависи и висината на месечната рата за отплаќање на кредитот.
Месечната рата на автомобилскиот кредит може да биде 100 евра, ако период за враќање е шест години, ако висината на кредитот е до 5.000 евра, а како гарант е еден жирант. Рата од 200 евра месечно во период од шест години се плаќа за кредит во висина од 10.000 евра, за кој гарантираат двајца жиранти или пак е заложено возилото што се купува. Околу 150 евра месечно во период од десет години се отплаќа кредит во висина од десет илјади евра ако се гарантира со хипотека на недвижен имот.
За купен стар автомобил, месечна рата од 200 евра, кој се враќа за само една година, може да се одобри кредит во висина 2.500 евра, ако се заложи автомобилот што се купува.
Во Стопанска банка нудат посебни поволности за автомобилски кредити со висина до 30.000 евра, кои се со рок на отплата до седум години, со сопствено минимално учество од 25 отсто од вредноста на кредитот. Каматните стапки за кредитите се движат од 8 до 12 отсто, во зависност висината на учеството во кредитот. За ваквите автомобилски кредити банката нуди намалување од 50 отсто за премијата за каско осигурување за првата година.
Тутунска банка одобрува автомобилски кредити до 50.000 евра, за кои не се потребни жиранти, туку е потребен залог на возилото што се купува и учество од 20 или 30 отсто или пак хипотека на недвижен имот.
Висината на месечната рата е различна и зависи од висината на кредитот од учеството кое се остава од висината на хипотеката. Во зависност од учеството, кое може да биде од 20 до 30 отсто.
Најлесна и најбезбедна е варијантата кога луѓето во текот на годините наназад успеале да заштедат доволно пари со кои успеваат да го купуваат посакуваното возило со готовина. Таквите се ослободени од грижите за месечното отплаќање на кредитот од пресметките, кои секој месец треба да ги прават во домашниот буџет.


