Се направија лом за ланскиот буџет

09:00 | 25.08.2010 | Автор: Шпиц
Министерството за финансии незаконски се задолжуваше на домашниот пазар лани, во кризната 2009 година, обвини Манасиевски од ЛДП на вчерашната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Пратениците влегоа во жестока расправа за завршната сметка за буџетот од 2009 и за ревизорскиот извештај на завршната сметка. Опозициските пратеници го прашаа ревизорот каде се податоците за тоа колку согласности за нови вработувања издало Министерството за финансии. Првиот човек на финансии, Ставревски, ги негираше сите обвинувања. Во овие неколку години наназад со привремени договори во администрацијата и во јавните претпријатија се вработиле 4.900 луѓе, вели Ставревски. Опозицијата го обвинува дека бројките не се точни, дека тие се далеку поголеми и побара министерството да ги каже точните податоци. Според власта, ланскиот буџет и во кризна година се реализирал според планираното, со буџетски дефицит од 2,7 отсто, а за опозицијата буџетската година била неуспешна. Со два ребаланси, со слаба реализација на развојните инвестиции во време на криза, владата водеше некоректна и нечувствителна политика кон стопанството и граѓаните, обвини опозицијата.