Со штедење ќе си ги покриете трошоците

Околу 70 отсто од вкупниот број на вработени во државата кои примаат плата пониска од просечната нето-плата штедат на сите можни начини за да ги покријат месечните трошоци

21:00 | 10.03.2010 | Автор: Шпиц

Цените на храната и облеката, струјата, парното, како и на другите комуналии постојано растат, иако зголемувањето на цените мерено во проценти не е високо, сепак многу семејства во државава со своите ниски месечни плати не се во можност да ги покријат сите трошоци поради што излезот го наоѓаат во штедењето. Трошоците на едно четиричлено семејство кои се повисоки од месечните примања, често не можат да се покријат, така што граѓаните се снаоѓаат барајќи ниски цени во продавниците каде што често даваат попусти или, пак, наоѓаат начини како полесно да заштедат на струја, парно или на другите комуналии.
Поголемиот дел од граѓаните наоѓаат начини како со помалку пари да ги покријат високите месечните трошоци. Скопјанката Катина, која работи во текстилна фирма, вели дека месечно прима 8.000 денари плата, а нејзиниот сопруг заработува исто толку, што според нејзиното пресметување семејството има доволно пари за храна, но трошоците за струја, парно, како и за другите комуналии тешко ги покрива. Затоа штедењето е начинот со кој таа успева да ги покрие месечните трошоци. Сезонските или неделните попусти на цените кои некогаш изнесуваат и до 50 отсто од цените на производите во продавниците го привлекуваат вниманието на сите кои се определиле со штедење да ги покријат трошоците за живот. Продавниците со користена облека или облека од втора рака често ги посетуваат тие што знаат дека тука може да се облечат поевтино отколку во бутиците.
- За децата, но и за себе купувам облека од продавниците за втора употреба каде што цените се повеќе од двојно пониски од цените во бутиците - вели Катина.
Семејствата кои не се во можност да плаќаат високи сметки за струја а кои имаат броило за скапа и евтина тарифа имаат можност во периодот од 13 до 16 часот во текот на денот, како и во текот на ноќта од 22 до 7 часот наутро да трошат евтина струја. Граѓаните велат дека струјата се штеди и со користење штедливи светилки, кои иако се поскапи, подолго траат и со нив помалку се троши струја.
Дел од граѓаните кои го исклучиле градското парно и се греат на штедливи конвертори на струја велат дека сметките за струја се повисоки, но само во зимскиот период, додека во лето, веќе не се оптоварени со сметки за парно.
Елисавета Соколовска од Ново Лисиче вели дека откако го смениле начинот за греење, трошоците за греење им се преполовиле.
- Инвестицијата за грејни тела на струја ја исплативме во првата година кога го исклучивме парното и нашите пресметки покажуваат дека сега месечно помалку плаќаме за греење.
Вакви и многубројни други начини на штедење откриваат граѓаните кои со своите месечни примања не можат да ги покријат сите трошоци.
РАМКА
Според Државниот завод за статистика, просечната плата во декември 2009 година изнесувала 20.483 денари. Според статистичките податоци, околу 70 отсто од вработените во државава примаат плата пониска од просечната нето-плата. Околу 45.000 лица што работат во текстилната индустрија во декември зеле плата од околу 9.500 денари или една од најниските плати во земјава.