Успешните земјоделци ќе земат европски пари

Земјоделците треба да бидат регистрирани во соодветен регистар, да водат матични и финансиски книговодства за нивните фарми и да ги исполнуваат сите еколошки, хигиенски, санитарни и ветеринарни стандарди

21:00 | 09.03.2010 | Автор: Шпиц

На 17 март истекува крајниот рок до кога земјоделците можат да аплицираат за средствата од петтата ИПАРД компонента од ИПА фондовите. Средствата од европската програма се наменети за приближување на работата на земјоделците до стандардите на Европската унија, а не за зголемување на нивниот профит. Според програмата на ИПАРД, сите тие што ќе конкурираат со свој бизнис-проект, треба да имаат обезбедено пари, за подоцна од фондовите да им биде вратена половина од потрошената сума.
Освен подготвениот бизнис-план со кој ќе аплицираат земјоделците, треба да исполнуваат повеќе критериуми, со што ќе го потврдат дотогашното успешно работење.
Според основните услови што треба да ги исполнуваат земјоделците, тие задолжително треба да бидат регистрирани во соодветен регистар и да водат матични и финансиски книговодства за нивните фарми, со кои ќе докажат дека ги имаат подмирено сите финансиски обврски кон државата. Пред да се одлучат да инвестираат, фармерите треба да ги имаат постигнато минимални национални стандарди за безбедност на производството. Ова значи дека фармерите треба да го имаат имплементирано Хасап стандардот за безбедност на производството, кој е и нивна законска обврска.
Потребен е документ за позитивна процена на проектот, од надлежните државни институции за ветерина и за животна средина, како гаранција дека се исполнети сите еколошки, хигиенски, санитарни и ветеринарни стандарди.
Апликантите треба да приложат доказ за продажбата на производите, доколку бизнис-проектот предвидува раст на производството. Нема да се одобруваат барања од кандидати кои веќе извезуваат во ЕУ, ниту пак барања од кандидати кои веќе добиле грантови од меѓународни организации. Предност ќе имаат индивидуални производители и мали фирми.
Пријавувањето на проектите се прави на јавни тендери, кои ги распишува платежната агенција. Дури откако Агенцијата ќе одлучи да кофинансира одреден проект и откако ќе се потпише договор меѓу двете страни, инвеститорот ќе може да почне со реализација.

Што ќе се финансира, а што не

Со ИПАРД парите ќе се кофинансира изградба или реконструкција на земјоделски објекти, ќе се купуваат нови машини во согласност со ЕУ стандардите, вклучувајќи го и компјутерскиот софтвер со услов опремата да потекнува од земјите на Европската унија или од потенцијалните земји-членки. Програмата ќе финансира и инвестиции во повеќегодишни земјоделски насади, но и лизинг на опрема под услов за период не подолг од пет години да премине во сопственост на корисникот. Со парите од петтата компонента на ИПА ќе се покриваат и делови од трошоците кон архитектите, инженерите и останатите консултантски услуги, како и физибилити студиите и набавка на индустриските права и дозволи, кои изнесуваат максимум 12 отсто од вредноста на вкупната инвестиција.
Со предвидените европски пари нема да се кофинансира набавка на живи животни и пчелни стада, ниту даноци и разни давачки, набавка, рента или лизинг на земјиште и постоечки згради, како ни казни, затезни камати, судски трошоци, административни такси, банкарски трошоци и трошоци за банкарски гаранции. ИПАРД програмата нема да поддржува оперативни трошоци и трошоци за одржување, користена опрема, како ниту трошоци поврзани со загуби од курсни разлики. Не е предвидено да се рефундираат ниту придонесите и плаќањето во натурални единици, ниту пак инвестиции за малопродажба и објекти наменети за живеење.