» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Власта јаде колачи, па не и е грижа за лебот
Иако се јасни мерките што владата треба да ги донесе за да се нормализира понудата и побарувачката на пазарот на пченица, таа како да се одмора од тукушто завршениот одмор.
09:15 | 25.08.2010 | Автор: Владимир Петрески
По три недели најави за поскапување на лебот, сега веќе најевтината цена на векна леб изнесува 21 денар, што е за 2-3 денари поскапо од досегашните цени од 18 и 19 денари. Мелничарите објаснуваат дека поради недостигот од пченица ваквиот тренд ќе продолжи и се споменуваат натамошни поскапувања и на лебот и на бурекот, на пример, кои можат да го достигнат нивото од 50 отсто.
Вината за ваквата состојба е јасна и таа лежи во одлуката на владата од 15 јули, која сакајќи да им помогне на производителите на пченица да добијат повисоки откупни цени, донесе одлука со која ги обврза мелничарите на секој увезен килограм пченица да мора да откупат три килограми домашна.
Но, наместо ваквата мерка да го постигне саканиот ефект - земјоделците да добијат откупна цена меѓу 8 и 10 денари за килограм, што не требаше да има последици по цената на лебот, во светот се случија редица настани, кои доведоа до поскапување на пченицата на меѓународно ниво. Како прво, поради намалената жетва во Русија, премиерот Путин го забрани извозот до крајот на годината, а ова го следеа уште неколку земји од Источна Европа, големи производители на жито.
По правило, ова не би требало да има последици по Македонија зашто земјава во најголем дел увезува пченица од Србија со која има договор за бесцарински увоз, а годинешната жетва во Србија е одлична и земјата има пченица на претек. Но, домашните производители сега ја складираат пченицата, надевајќи се на повисоки откупни цени во следниот месец зашто информациите за недостигот се движат низ светот со молскавична брзина. И покрај фактот што на планетава има резерви на жито во износ од 2 милијарди килограми, односно по еден килограм за секој жив човек.
Во ваква ситуација, владата, која оваа појава ја затекна на годишен одмор, се уште не презема мерки кои можат многу лесно и брзо да ја намалат цената и да ја нормализираат понудата и побарувачката. Дури се познати и предложените опции, кои едноставно значат дека или увозот повторно ќе се либерализира или дека пченица ќе се понуди од државните резерви. Но, некој треба да одлучи која од овие опции ќе се примени и да собере храброст да донесе одлука. Со оглед на фактот што ова не се случува и покрај поскапувањата, тоа единствено може да значи дека владата се одмора или се освестува од одморот пред да се зафати со ова прашање. На крајот останува единствено да се заклучи дека државата не требаше да се меша таму каде што не и е место и да не го нарушува законот на понуда и побарувачка, како основа на пазарната економија. Ако државата си стоеше настрана, сега не ќе моравме да плаќаме поскап леб и да чувствуваме притисок за понатамошни поскапувања.


