Зголемен е интересот за купување станови

Во првата недела од март агенцијата остварила три купопродажби, кои споредено со претходниот период од десет месеци во кој немало ниту една продажба, биле доволен показател за зголемен интерес кај граѓаните за купување станови

21:00 | 07.03.2010 | Автор: Шпиц

Откако банките ги намалија каматите за станбените кредити, се зголеми интересот на граѓаните за купување станови. Повеќето комерцијални банки од 1 март годинава ги намалија каматите за станбените кредити со цел тие да бидат подостапни за граѓаните. Иако процентот на намалување изнесува само три отсто, сепак се одрази врз интересот на купувачите, велат од агенциите за недвижности.
Промената на условите за станбените кредити во повеќето комерцијални банки во државава предизвика зголемување на интересот на граѓаните за купување станови.
Во изминатиот период од неколку месеци велат дека немале ниту еден заинтересиран купувач додека, пак, во последната недела веќе неколку реализирани купопродажби и повеќе заинтересирани купувачи на станови било доволно да забележат зголемен интерес кај граѓаните за купување станови. Иако не можат да се пофалат со драстично зголемување на реализирани купопродажби, сепак се задоволни што воопшто се враќа интересот за купување станови.
- Добро е што комерцијалните банки го направија првиот чекор во намалувањето на каматите како и во давањето други поволности за станбените кредити и ги размрдаа купувачите. Интересот на граѓаните е свртен повеќе кон становите кои чинат околу 60.000 евра додека за купување куќа се уште нема интерес - вели Весна Маневска, сопственичка на агенција за недвижности „Амбиент”.
Маневска додава дека во првата недела од март агенцијата остварила три купопродажби кои биле доволен показател за зголемен интерес за купување станови во споредба со изминатите десетина месеци кога не успеале да продадат ниту еден стан или куќа.
- Иако цената по единица површина падна за околу 100 евра, сепак граѓаните се заинтересирани само за помали станови. Стан со поголема површина од 60 квадратни метри или куќа тешко се продава - вели сопственичката на агенцијата.

Приближно исти услови за станбени кредити даваат банките кои за висина на кредит од 5.000 до 150.000 евра и рок на отплата од 30 години одредуваат камата во зависност дали клиентите примаат плата од банката или не, како и од должината на грејс-периодот што го предвидува банката.