» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Грчката влада ги повика фармерите да ги повлечат блокадите
Повик кон фармерите да почнат дијалог за решавање на проблемите и да ги прекинат блокадите на патиштата и граничните пунктови упати денеска грчкиот владин портпарол Јоргос Петалотис.
- Во овој кризен период ги повикуваме фармерите на дијалог, кои денеска се на блокади, бидејќи сите носиме одговорност за развојот на нашата земја и за лицето кое го создаваме пред светот, истакна Петалотис.
Владата знае дека фармерите се судираат со проблеми и повеќето од барањата им се основани, но не можеме да дозволиме ситуација, во која соседни држави од ЕУ поднесуваат жалби против нас поради тоа дека не ги исполнуваме договорните услови, од кои еден е слободното движење на луѓе и стоки меѓу земјите, истакна портпаролот.
Тој додаде оти очекува наскоро да биде пронајдено решение, истакна тој.
Грчките фармери денеска ги засилија протестите и патните блокади во Централна и Северна Грција со барање да добијат финансиска поддршка за секторот од Владата.
Продолжува блокадата на граничниот премин со Бугарија Промахон-Кулата, каде што се формираа долги редици од камиони од двете страни на границата.
Граничните премини Евзони и Дојран на границата со Македонија и преминот Кристалопиги на границата со Албанија, биле отворени во текот на целата измината ноќ.
Движењето преку двата основни гранични пунктови со Турција - Кипи и Орменион, тече без проблеми.
Освен блокадите по границата, продолжуваат патните блокади на магистралата Солун-Кавала, на магистралата Игнација, која води кон Турција, како и на патиштата во централните области Тесалија и Беотија, на полуостровот Пелопонез и на островот Крит.


