Груевски: Македонија нема да се судри со проблемот на висок дефицит

16:45 | 31.01.2010 | Автор: МИА

Коментирајќи го заклучокот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штрос-Кан дека економијата заздравува но оти предизвик за многу држави ќе биде високиот дефицит, премиерот Никола Груевски нагласи дека Македонија нема да се соочи со таков проблем, затоа што лани, во најкризната година во светот по 80 години, Македонија беше втора по најнизок буџетски дефицит во Европа.

Според Груевски, втора важна причина е и што државата предвреме се раздолжила кај меѓународните институции и оти поради тоа, од аспект на старите долгови и според тековното задолжување, Македонија е во групата на нискозадолжени земји на рангот на Светската банка.

- Минатата година со 2,77 отсто Македонија беше втора по најнизок дефицит во Европа, блиску на проектираните 2,8 отсто. Оваа година е проектиран и помал дефицит од тој, околу 2,5 отсто, што значи дека проблемот за кој е нагласено дека ќе се судрат многу држави нема да биде проблем за Македонија, изјави Груевски.

Тој оцени дека одлуката за предвремено раздолжување била добар чекор, иако тогаш таа била критикувана од опозицијата. Со таа одлука, според Груевски, се избегнале крупни проблеми што во кризата ги имале државите со големи долгови.

- Во 2007 и 2008 година донесовме одлука за предвремено враќање на огромен дел од долгот на РМ, околу 20 отсто, што предвреме се раздолживме кон Парискиот клуб, целосно кон ММФ, делумно кон Светската банка и кон други институции. Со тој чекор, од средно задолжена земја влеговме во групата нискозадолжени земји како што ги рангира Светската банка. Поуспешно ја поминавме годината од некои други држави зашто имавме исклучително ниско ниво на вкупен долг - и надворешен и внатрешен, додаде претседателот на Владата.

Задоволството на тутунопроизводителите од цената на откупот според Груевски се должи на ветената поддршка за земјоделството и на точната динамика како ќе се зголемува субвенцијата на тутунот.

- За оваа година се предвидени 60 денари по килограм и тоа ќе биде највисока поддршка во историјата на тутунопроизводителите во Македонија. Тоа ќе биде уште поголема стимулација од претходната која беше 45 денари. Додека е оваа Влада на власт, тие може да сметаат и натаму поддршка од буџетот преку субвенционирањето, рече Груевски, одговарајќи на новинарски прашања во општина Аеродром, каде што денеска почна владиниот проект за изградба на првите четири тениски терени.