» Најкоментирани од последната недела:
Гугл си направи свој Ајфон
Откако направи свој оперативен систем за паметни телефони, интернет-гигантот реши да „скоцка“ и реален мобилен телефон.
12:00 | 17.01.2010 | Автор: Шпиц
Гугл, на 5 јануари годинава, на прес-конференција го претстави долгоочекуваниот „нексус уан“, првиот паметен телефон на компанијата, која е вистински интернет-гигант. Промоцијата на „нексус уан“ е всушност почетокот на серијата мобилни телефони, која царството на Лери Пејџ и на Сергеј Брин ја нарекува „супертелефони“.
Авторот на ова парче техника е популарниот производител на телефони од третата генерација ХТЦ, кој на пазарот во Македонија го знаеме по телефонот „хиро“, додека софтверот е на Гугл, односно станува збор за оперативниот систем Андроид.
Уредот го поткренува процесор со јачина од еден гигахерц, а друштво му прават 512 мегабајти РАМ-меморија и мемориска картичка од четири гигабајти. Но, за среќа, телефонот поддржува мемориска картичка со 32 гигабајти. Телефонот поседува одлична петмегапикселна камера со автофокус, која овозможува снимање видеа со резолуција 720х480 пиксели и 20 фрејма во секунда. Мобилниот апарат, исто така, поддржува 3Г, ви-фи, има дигитален компас и батерија што му овозможува да функционира 290 часа на стендбај или 10 часа разговор и пет часа сурфање на интернет.
Во остатокот од опремата спаѓаат блутут, втор микрофон за поништување на врева, сензори за осветлување и близина, а уредот е украсен со тефлонска заднина.
На крај доаѓа шлагот, а тоа е феноменалниот дисплеј со дијагонала долга 9,4 сантиметри, кој е осетлив на допир и има резолуција од 800х480 пиксели. Телефонот како оперативен систем го користи Андроид 2.1 и на него можете да ги пуштате сите најпопуларни видео, аудио и формати на фотографии.
Софтверот е создаден телефонот да функционира како веб-прелистувач, што ни станува јасно и со слоганот со кој оди продажбата на телефонот Web meets phone (местото каде што телефонот и интернетот се спојуваат). Сепак, колку и да беше очекуван овој апарат, тој не ја оправда фамата што се создаде пред неговото појавување. А ако ја следиме народната - денот по утрото се познава, тогаш можеме да кажеме дека новото милениче на Гугл го чека трнлив пат до врвот каде што неприкосновено владее „ајфонот“.
Само една недела откога Гугл почнаа со продажба пристигнаа првите разочарувања. Во рок од седум дена продадени се само 20.000 уреди додека нивните конкуренти ХТЦ за истиот период продадоа 60.000 парчиња, Моторола 250.000 и се разбира „ајфон“ ги надмина сите со милион и 600.000 продадени телефони. А кога нешто нема да тргне како што треба, дополнителните проблеми сами никнуваат.
Така, веднаш стигнаа и првите поплаки. Совршениот екран не функционира толку совршено на дневна светлина, оперативниот систем сопира, а меморијата што доаѓа со телефонот е премала за да може да дојдат до израз капацитетите на „нексус уан“. Сето тоа искомбинирано со пониската произведувачка цена од нивниот конкурент „ајфон“ си го направи своето. Почетните резултати се понижувачки, меѓутоа од Гугл не се откажуваат, тие најавуваат брзо закрепнување од првичниот шок. Колку се исплатеше оваа екскурзија на Гугл, ќе покаже времето. А нели времето лечи сe!


