Активности за впишување на Кокино на листата на УНЕСКО

14:45 | 08.02.2010 | Автор: МИА

Министерството за култура презема активности за впишување на локалитетот Кокино на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, со што ќе се обезбедат правни и други услови неопходни за негово трајно зачувување и за посебна заштита на просторот. Со одлука на Владата, тој археолошко-астрономски комплекс од бронзениот период веќе е прогласен за културно наследство од особено значње.
- Во насока на дополнителна меѓународна валоризација на овој локалитет, кој НАСА пред неколку години го вброи меѓу најстарите праисториски опсерватрории во светот, донесовме и одлука оваа споменична целина да добие меѓународно признат статус, односно локалитетот кој досега се наоѓаше на тентативната листа на УНЕСКО, да се обидеме да го впишеме на листата на светско наследство на оваа престижна организација, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција.

Таа информираше и дека до Комитетот за светско наследство во Париз е доставена конечната верзија на Планот за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион. По неговото усвојување тој регион ќе добие многу поконкретен и посоодветен третман на координирано управување од сите институции надлежни за неговата заштита. Планот го изработија министерствата за култура и за животна средина и просторно планирање, користејќи компаративни анализи и искуства од други земји и препораки на експерти од УНЕСКО.
- Убедена сум дека овој План за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион ќе биде институционална рамка во која општините Охрид, Струга и Дебрца и останатите субјекти координирано ќе вложат напори да се заштитат и зачуваат охридскиот регион и градот Охрид, кој годинава слави јубилеј - 30 години од впишувањето на листата на УНЕСКО, рече Канческа-Милевска.
Министерката за култура соопшти и дека до Владата на усвојување е доставен закон за управување со културното наследство на охридскиот регион и оти годинава ќе се подготува и закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за споменична целина од особено значење.

Тагови (карактеристични поими за веста):
УНЕСКО | Кокино |