Албански издавачи на Саемот на книгата во Лајпциг

14:30 | 18.03.2010 | Автор: МИА
Здружението на албанските издавачи оваа година ќе ја претставува Република Македонија на Саемот на книгата во Лајпциг, Германија, кој ќе се одржува од денеска до 21 март.
Ова е второ официјално претставување на Здружението на албански издавачи и Република Македонија на овој престижен саем. Претставувањето ќе почне на 20 март, со промовирање на порталот „СловоКулт“, кој е своевидна мрежа за преводи од македонски на германски јазик, поточно со промовирањето на првата публикација насловена „Словотека бр.1“, која содржи одбрани текстови од десет автори од Македонија. Во таа прилика ќе бидат читани преведени поезии од повеќе македонски автори, а како специјален гостин ќе присуствува авторот Игор Исаковски, кој ќе чита своја поезија на македонски, а истата ќе се претстави и на германски јазик. На 21 март организирани се презентации на проза и преводи. Освен овие настани, за време на саемот, во организација на фондациите „Традуки“ и „Роберт Бош“, во соработка со низа други културни институции и здруженија, ќе се одржат повеќе настани со тежиште на Југоисточна Европа.
Овогодишното претставување на Здружението на албанските издавачи на саемот на книгата во Лајпциг финансиски е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.