» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Анализа на „Amicus Europae“ за македонско-грчкиот спор
11:30 | 11.03.2010 | Автор: МИА
Фондацијата „ Amicus Europae “ објави анализа под наслов „Македонско-грчкиот спор за името и неговата геополитичка заднина“. Автор е Лукаш Решчински, соработник на Фондацијата, магистер по меѓународни односи на Универзитетот „Никола Коперник“ во Торуњ. Специјалност му се безбедноста и геополитиката за Западен Балкан и постсоветскиот простор.
Последиците од долготраениот македонско-грчки спор околу името на поранешната југословенска сојузна република, пишува Решчински, на прв поглед делуваат неповолни главно за Македонија. Сепак, кусогледоста на Атина прави таа земја повторно да биде гледана како проблематичен партнер од страна на ЕУ.Грчко-македонскиот спор се протегнува речиси 20 години и неговото конечно решавање и натаму не е на повидок. Но, корелацијата што постои меѓу неговото решавање и меѓу полна евроатлантска интеграција на Македонија е толку значајна што владата во Скопје мора да стори сé, да се постигне решение. Ваквиот впечаток го делат и политичарите во Атина кои сигурни во својата европска позиција, изгледа претпочитаат „политичко понижување“ на соседните Македонци. Како што покажува историјата Грција веќе одигра улога на „јужноевропски бељаџија“.
Се чини дека прашањето има две страни. Од една страна ставот на Грција е детерминиран историски, а од друга страна тој е израз на желби да игра одлучувачка улога во регионот – што во однос на маргиналните актери (каква што е Македонија во очите на Грција) бара решително однесување. Многумина аналитичари укажуваат и на перцепцијата на Македонците меѓу Грците, кои често ги гледаат (посебно населението кое живее во т.н. Егејска Македонија), како Грци кои зборуваат на словенски јазик. Сличен однос кон Македонците изразуваат и Бугарите, кои од своја страна пак сметаат, дека македонскиот е еден од дијалектите на бугарскиот јазик. Имајќи го ова предвид, чувството на опколеност,посочувано од страна на македонските политичари, се чини сосема разбирливо. На надворешната политика на Грција треба да и` се префрли кусогледост и незнаење да се одделат реални политички придобивки од историски оставштини. Стабилизирањето на односите со Македонија може да донесе бројни користи, како политички, така и економски. Има и нужда од промена на гледање на овој проблем од страна на грчките политичари, како на проблем кој е доста маргинален и нема влијание врз меѓународната политика на нивната држава.
Последните случувања поврзани со меѓународната финансика криза, со сигурност ќе имаат сериозни импликации и во однос на спорот со Скопје. Нејасните финансиски малверзации со сигурност го поткопаа нејзиниот авторитет меѓу партнерите во ЕУ. Во тој контекст, решавањето на спорот со Македонија, од една страна може да ја подобри влошената слика на Грција. Од друга страна, имајќи ја предвид критичната ситуација предизвикана од кризата, македонското прашање може да биде ставено на маргините на приоритетите на владата.
Од логична гледна точка треба да се заклучи дека парадоксално - сегашната економска криза во Грција би требало да помогне за конечно решавање на македонското прашање. Очигледно е дека Атина се реши за „понизно“ однесување кон Брисел, кое што може да резултира со значителни отстапки во однос на барањата на ЕУ. Со тоа би требало да се очекува дека спорот околу името би требало да биде решен во најскоро време – на што се гледа со голема надеж во Скопје. Но тоа не значи дека преговори за тоа прашање ќе бидат лесни – „омекнувањето“ на ставот на Грција најверојатно ќе се обидат да го искористат Македонците, кои што жестоко се борат за вклучување на зборот „Македонија“ во името на својата земја. Имајќи ја предвид „зависноста“ на Македонија од западните држави и институции, нејзиниот став не би требало да претставува пречка во очекуваниот компромис.
Завршувањето на грчко-македонскиот спор би претставувал воедно крај на еден од последните „реликти“ од поранешната Југославија. По спогодбата на Хрватска и Словенија во однос на граничниот спор тоа би претставувало уште еден доказ за стабилизирачка улога на ЕУ на Балканот.


