» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Балканот на поклонение кај Тоше
20:15 | 26.01.2010 | Автор: Шпиц
На денот на роденденот на Тоше Проески, 25 јануари, а и ден пред тоа околу пет илјади посетители од цел Балкан и поголем број на обожаватели од Бугарија со пиетет и со емоции се поклонуваа пред неговиот вечен дом во Крушево, палеа свеќи, оставаа ангели и икони, честитки, плакати, лични пораки и букети цвеќиња. Меѓу нив е и иконата на која е насликана Богородица со Исус и Тоше како ангел со крилја, кое и семејството Проески реши да ја остави на почивалиштето, од каде што секојдневно се собираат сите подароци кои му ги носат фановите.
Пред легендата се поклонија и 40 членови на невладината организација „Рибар“ од Охрид (тие го посетија и манастирот „Свето Преображение“, каде што лани даруваа икона на пресвета Богородица направена од калај), а доцна вечерта и неговата менаџерка Љиљана Петровиќ, пејачите Калиопи, Александар Белов, украинската менаџерка Јана Прајтко, хрватските автори Мирослав Рус и Снежана Поповиќ и многу други пријатели.
Меѓународниот фан-клуб Форум како роденденски подарок за Тоше на семејството Проески официјално му го предаде моќниот телескоп со кој ќе се гледа ѕвездата на Тоше. Телескопот ќе биде фиксиран во куќичка од девет квадратни метри кај манастирот „Свето Преображение“. И петоодделенецот Стефан Александарски од Велес во емисијата „Ѕвон“ за половина час во техника пастел го нацрта портретот на Тоше и истиот го подари на Детската редакција на МТВ.
Ден пред роденденот гушнати и со солзи во очите фановите на мегаѕвездата ги пееја песните кои тој ги компонирал, на големиот и свечениот музички спектакл во салата „Борис Трајковски“, на кој во негова чест запеаја балкански пејачи.
Најголемите балкански медиуми преку своите екипи во Македонија известуваа за чествувањето на ангелот кој никој нема да го заборави. Неговиот живот на земјата беше како комета, наеднаш силно светна и брзо изгасна, а за обожавателите идолот Тоше постојано ќе блеска како најсјајна ѕвезда на небото.


