Бесими: Ќе се затворат туристички агенции кои ја злоупотребуваат визната либерализација

13:30 | 04.03.2010 | Автор: МИА

Министерот за економија Фатмир Бесими најави затворање на сите туристички агенции кои работат спротивно на законот и превезуваат азиланти од Македонија во западноевропските земји.
Прашан зошто се уште не е затворена туристичката агенција „Скај вим“ и покрај утврдените неправилности, министерот Бесими рече дека вчера инспекторите биле на терен и ја констатирале фактичката состојба.
- Контролата утврди дека немаат лиценца и оти работат надвор од законската рамка. Потпишано е решение за забрана, односно за затворање, но согласно процедурата и законите има можност за жалба против решението. Денеска бев информиран дека жалбата е одбиена со што решението ќе стане правосилно, изјави министерот Бесими по Промотивната конференција за развој на чиста енергија во Македонија.
Тој порача дека економската состојба не треба да биде причина за да се искористи визната либерализација и да се манипулираат граѓаните. Туристичките агенции, како што рече, се одговорни за својата работа и доколку работат надвор од законските прописи ќе следат соодветни санкции.

- Глобалната економска криза ги опфати сите сегменти на нашата економија, но ние имаме релевантни институции кои се отворени за дискусија. Има и доста проекти од областа на инфраструктурата, како регионални патишта, канализации, водоснабдување и слично, предвидени за регионите од кои има најмногу азиланти, а во перидот што претстои ќе следи и поблиска комуникација со граѓаните од овие региони, рече Бесими.
За него влегувањето во списокот на 197 млади глобални лидери во 2010 година на Светскиот економски форум во Давос е голема чест, но и уште поголем предизвик и одговорност да се придонесе за некои, како што рече, цели и теми кои се над вообичаените во интерес на државата и да се придонесе повеќе во регионот.
- Номиниран бев од претставникот на Светска банка во канцеларијата во Косово каде работев минатата година. Тоа е голем предизвик и чест не само за мене, туку и за Република Македонија и предизвик за сите млади во државава и регионот да направат нешто повеќе и да гледаат малку подалеку од опкружувањето, рече министерот Бесими.

Тагови (карактеристични поими за веста):
Фатмир Бесими |