» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Царинска управа и Crown Agents - договор за експертска помош
13:00 | 10.03.2010 | Автор: МИА
Директорот на Царинската управа на Република Македонија Ванчо Каргов и извршниот директор на Crown Agents Стив Тејлор денеска во Скопје потпишаа договор за обезбедување експертска помош за Царинската управа за наредните 12 месеци.
По потпишувањето на договорот Каргов и Тејлор заедно со маестро Борис Трајанов симболично ја одбележаа повеќегодишната соработка меѓу Царинската управа и Crown Agents со засадување три јапонски цреши во дворот на ЦУ. Со тоа се вклучија во националната иницијатива „Засади дрво - засадија својата иднина“.
- Претходниот проект со Crown Agents беше успешно завршен, а со новиот проект ќе работиме на зајакнување на разузнавачките способности на Царинската управа и во анализата на ризик, изјави Каргов пред засадувањето на садниците.
Тој појасни дека Царинската управа обезбедува само сместување и логистика за луѓето кои ги плаќа Crown Agents.
- Убеден сум дека ќе направиме уште поголем напредок и би сакал да се зблагодарам на господин Трајанова за приликата со заедничко засадување дрвце да го одбележиме овој настан. Слична можност ќе имаме идната недела во Охрид со претседателот на Светската царинска организација Кунио Микурија на Годишната конференција на евроскиот регион на СЦО, изјави Каргов.
Извршниот директор на Crown Agents Тејлор рече дека новата соработка што ќе се реализира со Царинската управа на Република Македонија е многу значајна за пристапувањето во Европската унија.
- Ние имаме многу големо искуство во работата и развивањето на економскиот раст и трговијата, и нудиме искуства од други пазари што го делиме со нашите клиенти и пријатели, рече Тејлор.
Тој посочи дека садењето дрвце го смета за инвестиција во иднината.
- Ова е голема можност за мене во мојата прва посета на Македонија со симболично засадување на дрвце да ја потврдиме неколкугодишната соработка со господин Каргов. Се надевам дека некогаш кога ќе се вратам ова дрво ќе биде пораснато и многу други работи ќе бидат достигнати во нашето партнерство, рече Тејлор.
Маестро Трајанов истакна дека иницијативите за зачувување на животната околина од видот на „Засади дрво - засадија својата иднина“ станаа многу популарни во светот и додаде дека Crown Agents многу често поддржува такви иницијативи.
- Ја продолжуваме традицијата да засадуваме дрвја во знак на љубов кон природата и заедништво за зачувување на планетата земја. Тоа го направивме со многу политилчари досега и многи сме и благодарни на Царинската управа што не покани заедно да засадиме некое дрвце, рече маестро Трајанов.


