Чешки експерти откриле хакерска мрежа наречена „Чак Норис“

09:45 | 16.02.2010 | Автор: МИА

Тим на чешки воени и цивилни експерти за безбедност открија глобална мрежа за компјутерско шпионирање наречена по актерот во акциони филмови „Чак Норис“, преку која биле крадени информации и податоци најчесто од индивидуални корисници и мали фирми, јави дописникот на МИА од Прага.

- Досега непознатата и глобално распространета мрежа била создадена со намена да шири опасни компјутерски вируси, потврди портпаролката на чешкото Министерство за одбрана, Луцие Кубичова.
Целта на непознатите кибер напаѓачи била да инфицираат со вирус што повеќе компјутери во светот и на тој начин создале специјална мрежа „ботнет“, која се претпоставува дека ја подготвувале за други интернет напади во поширока димензија.

„Ботнети“ се мрежи од компјутери кои се земени како „заложници" од страна на злонамерен софтвер, кој е целосно контролиран од напаѓачот и најчесто испраќа спам или други активности и собира чувствителни податоци од корисниците со што си овозможува пристап до банкарски сметки, и-меил адреси и лозинки за различни услуги.

Според чешкото Министерството за одбрана, најновите кибер напади се насочени кон индивидуалните интернет корисници и малите бизнис- претпријатија и нивната опрема за поврзување на интернет.

Напаѓачите го користат фактот што за разлика од персоналните компјутери, овие уреди односно модеми, немаат никаква анти-вирус заштита и корисникот нема можност да го идентификува нападот и да ја открие злоупотребата на податоците.Во откривањето на „хакерската мрежа“ учествувале експерти од повеќе чешки универзитети во соработка со специјалните тимови во чешкото Министерството за одбрана.

Тагови (карактеристични поими за веста):
хакери | Интернет |