» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Давутоглу: Турција секогаш, на страната на Македонија
13:30 | 26.03.2010 | Автор: МИА
Турција и придава големо значење на политичката стабилност, просперитет и стабилноста на Македонија бидејќи таа е срцето на Балканот. Токму поради тоа Анкара меѓу првите ја призна Македонија под уставното име и натаму ќе ја признава. Верувам дека патот на Македонија кон ЕУ треба да биде отворен, а продолжува и турската поддршка за нејзин влез во НАТО. Секогаш ќе бидеме на страната на Македонија бидејќи нејзиниот успех е и наш успех. Тоа го истакна министерот за надворешни работи на Турција Ахмет Давутоглу по денешната средба во Скопје со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.Двајцата министри на заедничката прес-конференција оценија дека односите меѓу двете земји се посебни и повеќе од пријателски и оти приоритет е продолжување на соработката во евроинтеграцискиот процес, зајакнување на меѓусебните културни и образовни врски, со посебен акцент на економските односи. - Македонско - турските односи се одлични. Се одликуваат со традиционална, историска поврзаност, заемно почитување и конкретни проекти за соработка во современото живеење. Нашите главни приоритети се Македонија и Турција да продолжат да имаат повеќе од блиска соработка во евроатланските интеграции, во зајакнувањето на меѓусебните културни врски со посебен акцент на дополнителна и силна работа на меѓусебните економски и стопански врски, изјави Милошоски. Во однос на регионот, двете земји имаат исти или слични позиции за најважните прашања за ЈИЕ.Нашите определби и цели се поврзани со регионалната стабилност, заемното почитување и интегритетот на државите и напредокот кон членството во ЕУ и НАТО. Однесувањето на Турција и на Македонија во балканскиот регион е такво што не создава дополнителни проблеми, туку дава придонес некои проблеми и недоразбирања да се надминуваат во интерес на стабилноста и заедничката соработка, додаде шефот на македонската дипломатија. Македонија високо го цени придонесот што Турција го дава со својата проективност во однос на стабилноста на регионот и економската динамика во ЈИЕ.- Нашата заедничка соработка може да биде добар пример како две пријателски земји можат да работат не само за своето добро туку и за придонесот кон регионалната стабилност и европските вредности на Балканот. Оваа година имаме можност како држави своите културни, политички и општествени вредности да ги претставиме преку македонското, а потоа и турското претседавање со Советот на Европа во Стразбур, рече Милошоски.Давутоглу истакна дека Турција на Балканот гледа со една нова визија, базирана на дијалог меѓу земјите, безбеден регион каде односите ќе се базираат на заемно почитување и толерантност.Во однос на економската соработка, според него, акцентот би требало да се стави на енергетските и сообраќајните врски меѓу сите балкански земји. - Ќе ги поттикнеме турските бизнисмени да ги зголемат инвестициите во Македонија. Надворешната трговска размена се движи околу 320 милиони долари. Турските инвестиции во Македонија ја надминуваат бројката од 500 милиони долари, изјави Давутоглу.
Тој најави и интензивирање на соработката меѓу двете министерства за обука на млади кадри и зајакнување на соработката меѓу дипломатските мисии.- Државјаните на Република Македонија каде и да се најдат и имаат потреба од помош, можат да се обратат во амбасадите и дипломатските претставништва на Република Турција, порача турскиот министер за надворешни работи.
Придонес за добрите билатерални врски, како што оценија двајцата министри, дава и турската заедница во земјава, која, спроед Милошоски, претставува еден од столбовите на мултикултурна Македонија.Запрашан за обновување на спомениците на културата од османлискиот период односно неколку џамии меѓу кои и онаа во Прилеп, Давутолглу рече дека Турција ги поддржува напорите на Македонија за реставрирање на овие споменици.Шефот на турската дипломатија денеска се сретна и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, а попладне ќе го отвори Турскиот културен центар во Скопје. Во рамки на дводневниот официјален престој, вчера во Охрид Давутоглу го отвори и Почесениот конзулат на Турција, а ги посети и Битола и Тетово.


