„Дело“: Слаб интерес на ЕУ за Западен Балкан

11:45 | 22.03.2010 | Автор: МИА

Европската унија уште еднаш покажа слаба заинтересираност за приликите во Западен Балкан, објави денеска љубљанско Дело, земајќи како доказ за таков заклучок недоаѓање на високи официјални лица од ЕУ на саботниот собир на лидерите од тој регион.
Весникот е особено критичен кон претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј за кого вели дека со недоаѓањето покажа целосен дилетантизам и непознавање на Балканот. Со тој потег, Ромпуј несвесно ја поддржа Србија пред се во нејзината комуникациска блокада на Косово, а со лично залагање на конференцијата да дојде и претседателот Тадиќ, ја стави Србија во привилегирана положба на регионална суперсила која е многу поважна од останатите.
Во коментарот на Дело се вели дека Ван Ромпуј, можеби испрати погрешна порака, која може да има негативни последици за нормализација на односите на Балканот.
Дело наведува дека по саботната конференција на Бродо крај Крањ, може да се каже дека ЕУ се плаши од Балканот поради големиот број проблеми во тој регион и сака да земе здив пред понатамошно проширување.
Во коментарот е истакнато дека конференцијата била свикана за покренување дијалог на лидерите од Западен Балкан и билатерални контакти со цел јакнење на довербата и соработката. Тоа е она што му треба на регионот, но Европа не сака да разбере, заклучува словенечкиот весник.

Тагови (карактеристични поими за веста):
западен балкан | ЕУ |