Друцас: Предлозите од Нимиц, во правец прифатлив за Грција

15:30 | 18.03.2010 | Автор: МИА
Предлозите што ги дава посредникот на ОН Метју Нимиц се движат во правец кој би можел да биде прифатлив за Грција, вели заменик-шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас во интервју за радиото „Атина 98,4“. Друцас истакнува дека решавањето на прашањето за името е процес што се води во ОН и повторува дека не постои американски предлог, како што објавија некои грчки медиуми. Она за што е разговарано на средбите на премиерот Папандреу со претседателот на САД и државниот секретар Хилари Клинтон, посочува, била грчката позиција, односно име со географска одредница за севкупна употреба. Вели дека Американците покажале разбирање за грчкиот пристап и очекува да извршат пристисок врз властите во Скопје „да покажат конструктивност и да придонесат за изнаоѓање конструктивно решение“. - Улогата на САД е добро позната - влијанието, би рекол, отворено, што може да го изврши врз политичкото раководство во Скопје да пристапи конструктивно во разговорите што се водат во ОН и да придонесе за компромисно решение. Тоа е она за што разговаравме со претседателот Обама, изјави Друцас. Прашан дали е можно Грција да биде принудена да отстапи од своите позиции поради актуелната економска криза, одговара дека надминувањето на проблемите не може да се прави на сметка на националните интереси.