Дводневна блокада на премините кон Грција

10:30 | 04.02.2010 | Автор: МИА
Граничните премини кон Грција од шест часот изутрината се блокирани поради 48-часовниот штрајк на грчките царински служби, во знак на револт од најавеното намалување на нивните плати.

Македонското Министерство за внатрешни работи апелира граѓаните кои планираат да заминат за Грција патувањето да го одложат или поместат за друг ден.
На граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница, кој е затворен за сите видови сообраќај, нема голем промет, ниту товарни возила.

- Единствени патници се неколкумина грчки стопанственици на кои им е неопходно да патуваат бидејќи имаат свои фирми во Македонија, или македонски бизнисмени кои имаат неодложни работи во Грција. Тиа ја преминуваат границата пеш, а од другата страна со такси го продолжуваат патот, изјави Никола Стамнов, командир на Полициската станица на Граничниот премин Богородица.

Блокадата на грчките цариници ќе трае до 6 часот во сабота. Покрај патниот, во прекин ќе биде и железничкиот сообраќај, а затворени се премините меѓународните аеродроми.
На протестот грчките цариници ќе му се приклучат и даночните службеници, чии плати исто така се засегнати од новите владини мерки.