» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Економската криза во Грција во грчкиот и странскиот печат
10:30 | 16.02.2010 | Автор: МИА
Економската состојба во Грција и дополнителните мерки за финансиска дисциплина што земјите од еврозоната ги побараа од Атина за излез од големата буџетска и должничка криза, се меѓу темите на кои денеска се осврнуваат грчките, но и голем број странски весници.Под наслови од типот „Брисел го затегнува ременот“, „Координиран притисок од еврогрупата за нови мерки“ и „Ултиматум за нови мерки од еврогрупата“, грчките медиуми наведуваат дека министрите за финансии од земјите-членки во зоната на еврото вршат притисок врз властите во Атина за укинување на велигденскиот регрес и 13-тата плата за државните службеници, за зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ), за промени во системот на социјално осигурување и за замрзнување на платите во државниот сектор во следните три години. Според весниците, земјите од еврозоната и поставиле рок на Атина да ги спроведе најавените планови за стабилизација на економијата до средината на март, а ако тие не ги дадат очекуваните резултати тогаш ќе бидат превземени дополнителни поригорозни мерки. „Та Неа“ наведува дека Грција ја чека едномесечна битка за ДДВ-то и за 13-тата плата, нагласувајќи дека на грчката Влада и е оставен краток рок за да покаже дека нејзините мерки ќе придонесат за намалување на буџетскиот дефицит. Ако до 16 март државата не ги оствари зацртаните цели, тогаш ќе биде принудена да ги прифати бараните дополнителни мерки, посочува весникот.
Атински „Нафтенборики“ посочува дека земјите од еврозоната не објавиле конкретни мерки со кои би ја поддржале Грција, туку само ја изразиле својата подготвеност дека ќе ја гарантираат стабилноста на еврото по секоја цена.Швајцарскиот весник „Тан“ ја пренесува изјавата на грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину дека Атина не е подготвена за воведување нови мерки за ограничување на буџетските трошоци и дека се надева на „поголема поддршка“ од земјите-членки на ЕУ.Дали на овој начин Грција се подготвува за конфронтација со Европа или пак користи нови тактики за преговори со цел да добие помош од Брисел, наведува „Тан“.Според лондонски „Тајмс“, ЕУ има два начини да се справи со грчката криза - или да и обезбеди на Грција план за спас, наметнувајќи и, доколку биде потребно, и сурови услови или пак да побара од Грција да ја напушти евро зоната.Весникот „Њујорк Тајмс“ оценува дека се поголем број Германци се против идејата тие да плаќаат за грешките на Грција, која во последните години трошеше многу повеќе од нејзините реални можности. Финансиската криза ги соочи даночните обврзници и гласачите во Европа пред вистината дека нивните богатства се многу потесно поврзани отколку што тврдеа нивните лидери во 90-тите години на минатиот век кога брзаа да ја воведат заедничката европска валута и покрај противењето на голем дел од јавноста, заклучува „Њујорк Тајмс“.Британскиот „Гардијан“ го поставува прашањето дали евентуалното истапување на Грција од еврозоната ќе биде од корист за останатите држави кои го користат еврото како национална валута.Доколку Грција ја напушти еврозоната еврото најверојатно ќе ослабне, бидејќи со тоа ќе се намали довербата во проектот „евро“, констатира весникот, заклучувајќи дека Атина би имала полза доколку се откаже од еврото бидејќи во таков случај курсот на драхмата најверојатно драстично би опаднал во однос на европската и останатите валути со што грчкиот извоз би станал поконкурентен.Во таква ситуација Меѓународниот монетарен фонд или на пример германската Влада нема да и` дишат во вратот на Грција и да бараат поригорозни мерки, со што Владата во Атина ќе може да троши повеќе пари во социјалната сфера, наместо да се справува со постојани штрајкови и протести.Лондонски „Дејли телеграф“ забележува дека Грците копнеат по времето на драхмата, која „беше нивни симбол за економска слобода и што ја користеа повеќе од 3.100 години“.Но, Грците се откажаа од дрхамата заради националниот престиж. Кога ја заменија драхмата, Грците сметаа дека ќе покажат економска зрелост и конечно ќе можат да седнат на иста маса со земји како што е Германија. Тие се надеваа дека ако користат иста валута со Германците ќе ги прифатат тевтонските навики на штедливост и почитување на даночните обврски, констатира весникот.Францускиот „Монд“ прави паралела меѓу кризата во Грција и американската банка „Беар Стирнс“, потсетувајќи дека администрација во САД итно реагираше преземајќи ригоозни мерки за спас на оваа финансиска институција, која на крајот беше продадена на банката „Џеј-Пи Морган Чејс“.Според весникот, ЕУ треба да го следи овој пример и да преземе строги мерки за помош на Грција, кои ќе ја чинат скапо самата држава и нејзините граѓани.


