» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
ЕП: Македонија да добие датум во март
20:00 | 27.01.2010 | Автор: Маја Михајловска
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (ЕП), вчера ги изгласа амандманите на извештајот за Македонија, со кои се бара земјата во март да добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија. За измените позитивно се изјасниле 56 европратеници, додека петмина биле против.
Амандманите ги поднесе словенечкиот европратеник, кој е известувач за Македонија во ЕП, Зоран Талер, со кои го повика Брисел да помогне во преговарачкиот процес за спорот за името.
- Очекувам изгласувањето на овој извештај да биде силен сигнал за Европската комисија и за Советот на министрите, но исто така и за двете земји кои се вклучени во спорот. Извештајот, исто така, е јасен и силен повик до грчката влада најпосле да најде решение за овој спор - изјави Талер на прес-конференцијата.
Тој, во завчерашната расправа на Комитетот за амандманите изрази загриженост поради тоа што министерскиот совет во декември го одложи датумот за почеток на преговорите.
Според Талер, таквиот развој на настаните може да предизвика етнички тензии во земјата, што би предизвикало и поширока дестабилизација на регионот.
Македонија во декември доби препорака за почнување претпристапни преговори, но не & беше одреден точен датум поради спорот со Грција за името на државата.
Нимиц доаѓа и во Скопје
Медијаторот Метју Нимиц наскоро ќе ги посети двете земји, но точниот датум с* уште не е прецизиран, изјави вчера неговата портпаролка Ванина Мејспрачи за Радио Слободна Европа.
- Медијаторот во спорот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, во последниве недели беше во контакт со двете страни. Владите на двете земји, не само Грција, го поканија посредникот да го посети регионот.
Во овој момент не се дефинирани датуми за посетата на Скопје и Атина, но се работи на прецизирање на терминот - изјави Мејспрачи.
Милошоски ќе се сретне со Друцас
Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, и алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Димитрис Друцас, денеска попладне ќе се сретнат во Лондон на маргините на Меѓународната конференција посветена на Авганистан.
Средбата, која минатата недела ја иницира македонското МНР, вчера ја потврди Министерството за надворешни работи на Грција.
Освен за разликите меѓу двете држави за спорот за името, се очекува Милошоски и Друцас да разговараат и за подигнувањето на нивото на канцелариите за врски во амбасади во Скопје и Атина, за потпишување договор за избегнување двојно оданочување, како и за отворање нови гранични премини.
Друцас ќе се сретне со Клинтон
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Димитрис Друцас, на втори февруари во Вашингтон ќе се сретне со американскиот државен секретар Хилари Клинтон.
Во соопштението, кое го објави Министерството за надворешни работи во Атина, наведено е дека Друцас ќе разговара и со Џејмс Стајнберг, заменик на американскиот државен секретар.
Деталите за содржината на тие разговори не се објавени, со напомена дека тоа ќе биде сторено пред заминувањето на Друцас во САД.


