Фармерите бараат итна средба со министерот Ставрески

14:30 | 18.03.2010 | Автор: МИА

Федерацијата на фармери бара итна средба со министерот за финансии Зоран Ставрески во врска со паушалното оданочување во земјоделството. Ако средбата не се реализира во најскоро време, најавува рестриктивни мерки и активности.
- Фармерите се надеваа дека ќе бидат ослободени од плаќање данок ако остварат приход до 5.000 евра, а оние кои работат на друго место, но остваруваат приходи и од земјоделство, дека ќе бидат оданочени со 20 отсто од приходите. Затоа ја подржаа оваа мерка, земајќи предвид дека во изминатите години откупувачите им одбиваа данок на 65 проценти од приходите. Но оваа „позитивно прикажана даночна политика“ ќе се одрази негативно врз фармерите и земјоделството, а веќе и создаде револт кај нив, наведува Федерацијата во денешното соопштение.
Според ФФРМ, кога малите фармери ги поднесоа пријавите и гледаа на оваа даночна политика како олеснителна за земјоделството, Министерството за финансии дава свое објаснување за категорија земјоделци со дополнителна дејност, бидејќи нема друг закон кој ги покрива земјоделците кои не плаќаат пензиско и инвалидско осигурување без разлика што основната егзистенција им е од земјоделство.
- На сите што се надавале дека ќе бидат ослободени, сега им стигнува известување од Управата за јавни приходи дека во суштина не подлежат на ослободување и ќе плаќаат на цел бруто приход. Фармерите реагираат со право зашто пред поднесувањето не беа така информирани. Министерот Ставрески на игнорантен начин се однесува кон нив, а тоа само ги зголемува проблемите. Уште еднаш апелираме и бараме Министерството за финансии да седне и да разговара со фармерите за да се најде решение, истакнува Федерацијата.

Тагови (карактеристични поими за веста):
фармери | Зоран Ставревски |