Генералите на НАТО задоволни од текот на офанзивата во Јужен Авганистан

14:30 | 14.02.2010 | Автор: МИА
Кабул, 14 февруари - Генералите на НАТО изразија задоволство од развојот на вчера започнатата голема офанзива врз градот Марџа, кој претставува упориште на талибанците во Јужен Авганистан.
Авганистанската армија, која учествува во операцијата „Муштарак“ (Заедно), соопшти дека 20 талибански бунтовници се убиени во борбите. Според официјален Лондон, еден британски војник загинал во нападите.

НАТО вчера објави дека петмина припадници на меѓународните сили се загинати, од кои тројца Американци.
Во операцијата учествуваат 15.000 припадници од силите на НАТО, како и 2.500 авганистански војници.

Портпаролот на британската армија, генерал Гордон Месинџер, 24 часа по почетокот на акцијата, изјави дека британските и генералите на НАТО се „многу задоволни“ од развојот на операцијата.
- Имаше одделни судири, но талибанците не можеа да дадат отпор. Меѓународните сили презедоа стратешки цели, истакна Месинџер.

Иако извештаите од теренот зборуваат за главно слаб отпор на бунтовниците, кои се определиле за герилски начин на војување, НАТО и авганистанските војници напредуваат многу бавно. Причина за тоа се големиот број поставени експлозиви, поради што мора се добро да се прегледа и експлозивните направи да се деактивираат, или да се извршат контролирани експлозии.
Цивилното население главно е евакуирано, со цел да се избегнат жртви.

Марџа е последниот поголем град под контрола на талибанските бунтовници и се смета за клучно место за шверц на опојни дроги кои се наоѓаат во провинцијата Хелманд.
Од Белата куќа е соопштено дека американскиот претседател Барак Обама внимателно го следи текот на офанзивата, која би требало да претставува пресвртница во војната во Авганистан.