» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Граѓаните ликуваат, импортерите се нервираат
„Автомобилот што сега се продава за 9.000 евра, пред само 6 месеци чинеше 15.000 евра. Замислете колку профитирале импортерите и се уште профитираат“, е коментарот на скопјанец, кој вели дека е добра идејата на владата да ја зголеми старосната граница за увоз на половни автомобили од сегашните 6 на 13 години. Граѓаните се задоволни што ќе можат да возат „понормални“ автомобили, а не „фичовци“, „москвичи“ и „застави“ стари и по 25 години.
- Тие што имаат пари, повторно ќе си купат нова кола, но за нас, ситната боранија оваа промена е добредојдена. Старото „југо“ конечно ќе можам да го заменам со понов автомобил - вели Љупчо, жител на скопски Мичурин.
Дел од граѓаните, пак, не сметаат дека одлуката е правилна и бараат сосема други промени.
- Нема потреба да се зголемува старосната граница, доволно е да се избришат акцизите и царините, па старите да се заменат со нови автомобили. Мислам дека ова најмногу се прави за да се регулираат големиот број автомобили со бугарски таблички - вели таксистот Ирфан од Чаир. Тој за „Шпиц“ истакна дека на интернет го следи автопазарот во Косово и забележал драстична промена во цените. Ирфан вели дека пред само една недела цените на половните автомобили во Косово биле во просек за 1.000 евра поевтини за разлика од вчера.
Зголемениот увоз на половни автомобили најтешко ги погодува импортерите на нови возила, за кои граѓаните велат дека заработуваат во просек по околу 3.000 евра од автомобил.
- Најавата на премиерот има многу контрадикторности. До вчера се подготвуваше да воведе еколошки стандарди еуро 4 и еуро 5, а со старите автомобили ќе се вратиме на ниско еколошко ниво. Смешно ќе биде и сервисирањето, набавката на резервни делови, а да не зборувам за сигурноста на возачите и пешачите - вели директорот на „Аутомобиле - Ск“, Никола Бојаџиески.
Неофицијално е дека во соседна Бугарија, цената на автомобилите е за два до три пати пониска од таа кај нас, а само во Струмица се возат околу 3.000 автомобили со бугарски регистрации.


