Грција - на 16 март, 24-часовен штрајк на државни службеници

11:30 | 02.03.2010 | Автор: МИА

Федерацијата на државните службеници во Грција (АДЕДИ) свика 24-часовен штрајк на 16 март, со цел одново да протестира против строгите мерки кои Владата во Атина се очекува утре да ги усвои, за да ја спаси земјата од буџетската криза.
- Едногласно решивме да има 24-часовен штрајк, рече претседателот на АДЕДИ Спирос Папаспиру.
Тоа ќе биде третиот протест, кој синдикалната федерација го организира оваа година против плановите за затегање на ременот, кои се неопходни, за да биде намален буџетскиот дефицит на Грција и таа одново да влезе во европските норми.
Утре на улиците излегуваат и пензионерите, за да кажат „не“ на намерата на Владата да ги замрзне сите пензии оваа година.
АДЕДИ и другиот синдикат - Заедничката конфедерација на трудот ГССЕ претставуваат околу 2,5 милиони работници, што е половината од работната сила на Грција.
Папаспиру се сретна со лидерот на главната опозициска сила - конзервативната партија Нова демократија, Андонис Самарас, кој изјави дека е против мерките на Владата и особено против кастрењето или укинувањето на 14-та плата, против натамошно зголемување на акцизите врз горивата и против зголемувањето на ДДВ-то.
Пазарот во Грција стравува дека зголемувањето на ДДВ за два проценти до 21 отсто ќе доведе до уште подлабока рецесија и до затворање на голем број фирми. Бизнисот алармира дека побарувачката опаѓа.
Екипа на меѓународната агенција Стандард енд Пурс е в Атина, за да даде оценка на кредитниот рејтинг на Грција.

Тагови (карактеристични поими за веста):
штрајк | Грција |