» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Груевски – Фишер: Евроинтеграциите и економската соработка главни теми
Продлабочувањето на билатералните односи, интензивирањето на економската соработка и евроатлантското интегрирање, ќе бидат клучни теми на денешната средба меѓу премиерот Никола Груевски и неговиот чешки колега Јан Фишер во Прага.
Груевски ќе го информира Фишер за напорите што ги прави Македонија за што поскоро решавање на отвореното прашање со Грција. Воедно, ќе го пренесе и ставот дека блокадите во Букурешт и Брисел нема да ја поколебаат Македонија во нејзината цврста определба да стане дел од ЕУ и НАТО.
Се очекува Фишер да ја потврди досегашната чешка поддршка за Македонија во оваа насока особено поради фактот што новиот еврокомесар за проширување Штефан Фуле доаѓа од оваа земја.
На средбата од македонска страна ќе биде потенцирано и дека со несмален интензитет продолжува спроведувањето на реформите, а ќе се разгледаат и евентуалните можности за поголема соработка во образованието.
Според најавите, попладнево министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот чешки колега ќе потпишат договор за соработка во борбата против криминалот кој, меѓу другото, се однесува на перењето и фалсификувањето пари, корупцијата, трговијата со луѓе, оружје и наркотици.
Груевски утре ќе биде примен и од чешкиот претседател Вацлав Клаус, а претходно ќе има обраќање на македонско-чешкиот бизнис форум.
Со владината делегација, во Прага се и околу 20 македонски стопанственици од текстилната индустрија, земјоделството, градежништвото и ИТ секторот. Тие ќе остварат директни контакти со чешките партнери кои се најзаинтересирани за соработка во енергетиката и инфраструктурата.
На деловниот форум ќе бидат презентирани поволностите за инвестирање во Македонија.


