Интервју на министерот Милошоски за Би-Би-Си на македонски јазик

16:30 | 27.01.2010 | Автор: МИА

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во интервју за Би-Би-Си на македонски јазик вели дека не го споделува оптимизмот со грчкиот премиер Јоргос Папандреу дека е можно скоро решавање на спорот меѓу двете земји. Да бидам искрен, вели Милошоски, нашиот оптимизам или нашата реалност или нашиот песимизам го базираме врз искуството што го имаме во соработката со Грција во изминативе 18 години, посебно околу ова прашање.
Би-Би-Си: Дали вие би најавиле скоро решавање на спорот?
- Сме слушнале многу изјави. Нашето искуство во соработката со Грција е „многу зборови, малку дела“. Мислам дека реториката на Грција никогаш не била проблематична, особено кога со неа се адресираат меѓународните институции или политичари, но постапките, делата и начинот на кој пристапуваат кон ова прашање не го поедноставило спорот. Напротив, мислам дека има некои елементи кои го прават посложен.
Би-Би-Си: Значи вие не би биле оптимист и не би можеле да кажете дека можеме да очекуваме скоро решавање на спорот?
- Да видиме како ќе постапува Грција во иднина
Би-Би-Си: Грчкото министерство за надворешни работи соопшти дека алтернативниот министер Димитрис Друцас утре во Лондон ќе има билатерална средба со вас. Што планирате за оваа средба, ќе изнесете ли нови идеи?
- Па планираме да го продолжиме дијалогот, но да продолжиме со нови иницијативи. Тоа се идеите за подигање на нивото на дипломатските преставништва на ниво на амбасади, отворање на еден граничен премин и склучување спогодба за избегнување двојно оданочување.
Би-Би-Си: Мислите ли дека тоа е доволно за решавање на спорот?
- Мислам дека секој чекор кој води кон збогатување на билатералните односи може да биде од помош.
Би-Би-Си: Многу пати било речено и од македонска и од грчка страна дека единствениот проблем меѓу двете земји е спорот за името и ништо друго.
- За среќа нема други спорови. Македонија е независна држава 19 години и не сме имале ниту еден безбедносен инцидент. Освен трговската блокада наметната од Грција, по Времената спогодба економската соработка има нагорен тренд и тоа е добра основа.
Би-Би-Си: Токму заради тоа, зошто не се оди кон директно решавање на тој единствен проблем?
- Ние би сакале да инвестираме и понатаму во тоа прашање, за жал не сме успеале, ниту ние, ниту многу наши претходници, преку ноќ да го решиме ова прашање. Ценам дека во целиот овој однос и во самиот спор, главната непозната која го отежнува решавањето на овој спор е сепак односот на Република Грција кон правото на еден народ да се определи себе си. Поентата ми е дека во целиот спор можеме да бараме и несовршености од наша страна, не се исклучува тоа, но мислам дека ригидниот однос на Грција и наметнувањето на својата воља или диктат по однос на ова прашање е главниот проблем за негово разрешување.
Би-Би-Си: Дали во преговорите излегувате со некоја друга идеја освен двојната формула?
- Ние имаме принципиелен предлог до Република Грција, а тоа е конечното решение или напредокот кон него да биде поставен на основи во кои двете страни ќе се чувствуваат дека се дел од решението. Да нема црвени линии, тогаш полесно би се дошло до одреден напредок.
Би-Би-Си: Доколку Грција гарантира употреба на придавката македонски за народот и јазикот, дали вие би се откажале од двојната формула?
- Не можеме по секоја цена или со така едноставен пристап да прифатиме било каков предлог од Република Грција. Ние цениме дека треба да се разговара, да се стигне до одредена формулација која потоа, бидејќи е национално прашање, би требало да биде потврдена од македонските граѓани на референдум.
Би-Би-Си: Постои толкување дека двете страни всушност не преговараат и дека тоа им одговара. Грција има финански проблеми, Македонија пак вака ќе се го задржи уставното име, односно владата не мора да презема ризични чекори.
- Во спорот има висока сметка за Македонија. Внатрешно политички, многу грчки политичари профитираат од односот кон ова прашање. Надворешно политички, цената на нивното однесување не е превисока. За Република Македонија пак, надворешно политичката цена која ја плаќаме со блокирањето од Грција со прекршувањето на Времената спогодба, а внатрешно политички трошиме енергија при дискусиите кои се често и непродуктивни дебати кои не ја зајакнуваат кохезијата на македонското општество.