Иво Јосиповиќ официјално инаугуриран за претседател на Хрватска

17:15 | 18.02.2010 | Автор: МИА

Загреб, 18 февруари - Иво Јосиповиќ денеска официјално ја презеде функцијата претседател на Хрватска на свечена инаугурација што се одржа на плоштадот Св.Марко во Загреб.
На инаугурацијата присуствуваа и претседателите на Mакедонија, БиХ, Црна Гора, Косово, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Полска и Словачка, како и еврокомесарот за проширување Штефан Фуле, јави известувачот на МИА.

Во обраќањето пред присутните Јосиповиќ вети дека совесно ќе ја извршува функција во интерес на Хрватска и хрватските граѓани. Тој најави добри односи со соседните земји, кои, како што рече ќе донесат мир, сигурност, стабилност, отворање на трговските односи, инвестиции, раст на туризмот, соработка на културно и спортско ниво.

- Развојот на добрите односи со земјите од регионот се од стратешко значење и еден од приоритетите на надворешната политика за која ќе се залагам. Потребно е да ги решиме сите отворени прашања, потенцираше Јосиповиќ.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во рамки на престојот во Загреб ќе оствари билатерални средби со неговиот хрватски колега Јосиповиќ, како и со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу.
Иво Јосиповиќ беше избран за претседател на изборите на 10 јануари со што стана третиот претседател на Хрватска по Фрањо Туџман и Стипе Месик, од прогласување на независноста на земјата во 1991 година.

Тагови (карактеристични поими за веста):
Хрватска |