» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Изјава на мисиите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и САД за изучувањето на македонскиот јазик
Мисиите на ЕУ, ОБСЕ, НАТО и Амбасадата на САД во Македонија во заедничка писмена изјава соопштија дека немнозинските заедници треба рано да почнат да го учат македонскиот - државен јазик - со препорака низ дискусии на таа тема да се одлучи точно кога и како тој ќе се воведе во образованието.
Мисиите порачуваат Владата внимателно да подготови постепено спроведување на наставата, со вклучување на сите засегнати страни, а укажуваат дека е вистински момент и за охрабрување албанскиот јазик и јазиците на другите етнички заедници да се изучуваат факултативно.
- Мислиме дека наставата на државен јазик во немнозинските заедници треба да започне рано, со цел сите граѓани да можат течно да го зборуваат државниот јазик по завршување на образованието, земајќи ги предвид препораките на високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. Владеењето на државниот јазик, меѓу другите мерки, ќе помогне за унапредување на интегрирањето на различните заедници, што е суштествено за сите граѓани во изнаоѓањето подобри можности за образование и за вработување подоцна во нивниот живот. Веруваме дека за властите ова е вистинскиот момент да охрабрат поширока примена на факултативното изучување на албанскиот јазик и на другите немнозински јазици, се вели во нивниот допис до медиумите.
- Од суштествена важност е Владата внимателно да го подготви постепеното спроведување, притоа работејќи со сите заедници и со вклучените страни на национално и на локално ниво – особено со наставниците и со родителите – со цел да овозможи измените во наставната програма да се одвиваат во духот на заедничко разбирање и со консензус. Одлуките точно кога и како треба да се воведе државниот јазик, треба да бидат тема на дискусија. Ваквото планирање и внимание е мошне важно да се обезбеди клучната одредба од Охридскиот рамковен договор, според која образовните стандарди треба да бидат унифицирани за сите ученици. Потребните ресурси мора да бидат на располагање пред оваа политика да може да стапи во сила. Се надеваме дека дискусијата на оваа тема ќе продолжи на разумен и толерантен начин, наведуваат во заедничката изјава на мисиите на ЕУ, ОБСЕ, НАТО и Амбасадата на САД во Македонија.


