„Канбера тајмс“: Македонците бараат признавање на уставното име

11:45 | 25.02.2010 | Автор: МИА
Македонците во Австралија сакаат преку Владата на премиерот Кевин Рад да ги унапредат билатералните односи меѓу двете земји, но она што навистина го сакаат е Австралија да ја нарекува нацијата со нејзиното вистинско име, пишува австралискиот весник „Канбера тајмс“.
Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора од САД во Канбера изјави дека името Поранешна Југословенска Република Македонија (ПРЈМ) не е прифатливо за неговите сонародници, наведува весникот. - Сакаме Австралија да ја признае Македонија под нејзиното уставно име, како што тоа го сторија голем број земји, вели тој, додавајќи „употребата на кратенката ПЈРМ е навредливо за нас“.Колоски за весникот ги оцени односите меѓу Австралија и Македонија како „високо позитивни“, но уште многу може да се направи за нивното унапредување. Австралиската Влада исто така е согласна дека односите со Македонија се солидни, но очигледно е оти нема придвижување околу прашањето за признавање на името на земјата, пишува весникот.Во исто време, Колоски тврди за весникот дека додека личните односи меѓу македонската и грчката заедница се добри, тој верува дека грчките радикали лобираат во австралиската Влада „да го ограничи“ признавањето на Македонија. Грчката дијаспора во Австралија, пак, тврди дека Македонија „фрла темен превез на пропаганда врз масите во кампањите против интегритетот и важноста на хеленската историја во јужна Европа“, наведува „Канбера тајмс“.Минатата недела, јужноавстралискиот премиер Мајк Ран замалку не поттикна дипломатски инцидент меѓу двете земји, изјавувајќи дека македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов „опасно предизвикува неволја и се обидува да ја украде грчката историја и култура“.Австралискиот амбасадор во Австралија Перо Стојановски за весникот изјави дека „македонската амбасада во Канбера не е задоволна од навредливите коментари упатени од Ран и упатила формален протест до австралискиот премиер Кевин Рад, австралиското МНР и побарала формално објаснување и извинување во врска со коментарот“.Со пописот во Австралија спроведен во 2006 година регистрирани се 83.978 Македонци што живеат во Австралија.