» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
Крај на дивото пазарче?
Продавачите да изнајмат тезгиња на постоечките пазари во Аеродром е единственото решение на општината
20:00 | 26.01.2010 | Автор: Душан Кировски
Пазарџиите од импровизираниот пазар кај поликлиниката Јане Сандански револтирано и со гнев одбиваат да ги расчистат тезгињата и покрај тоа што општината веќе донела таква одлука. Во плач и агонија, од тажните и изморени лица на пазарџиите се чита дека некој си игра со нивната судбина. На нивна страна се и граѓаните од околните згради, претежно стари лица кои секојдневно пазарат тука поради блискоста и неможноста да се движат подалеку, до другите пазари.
Иако ова место со импровизираните картонски тезги е под сите стандарди и едвај може да се нарече пазар, очигледно е дека е неопходно, бидејќи на целото подрачје на Аеродром и Ново Лисиче функционираат само два пазари. Токму поради овој факт, продавачите до општината поднеле петиција уште минатата година, потпишана од илјада купувачи, но сепак за надлежните тоа не било доволен аргумент. Пазарџиите се повикуваат на ветувањето од поранешниот градоначалник на општината дека на тоа место ќе се постават 100 тезги, за што уште во 2007 година, сите заинтересирани кои сакале да продаваат на пазарот, уплатиле по 8.400 денари на општинската сметка.
- Сега не ви требаат гласови. Своето си го добивте, а за ветувањето дека ќе ни изградите пазар никако не ви се слуша - реагираше групата што вчера протестираше пред општинската зграда.
Засегнатите продавачи предлагаат општината да ги земе тезгињата на лизинг или пазарот да биде од времен карактер. Градоначалникот одговорил дека му требаат два милиони евра за да го реши проблемот на тој начин.
Како единствено решение на продавачите им е понудено да аплицираат на постоечките пазари кај трговските центри Скопјанка и Бисер, каде што има повеќе од 30 отсто слободни тезгиња за изнајмување или пак да причекаат пет години кога општината ќе изгради нов пазар.
- Навистина не знаеме што да правиме. Секој ден сме во општината, еднаш ни велат дека ќе има пазар, друг пат дека ќе нема. Пазарот ни е нашата единствена егзистенција и без него сме сите социјални случаи - велат незадоволните пазарџии.
Младиот продавач во инвалидска количка, кој со својата мајка живее од симболичните приходи продавајќи зарзават не можеше да ја скрие болката:
- Треба ли да убијам човек, па да ме сместат во Идризово за да бидам нахранет?!
Од општината велат дека се презема се за да се реши овој проблем, но сепак тие немаат законски можности за изградба на пазар на таа локација.
- Уште лани општината почна да ги враќа парите на граѓаните кои уплатија за обликување на пазарот - велат од општина Аеродром.
Се побунија и „легалните“ пазарџии поради нелојалната конкуренција што ја дозволува општината.
Нема место во ДУП
Изградбата на пазари се предвидува со Деталниот урбанистички план (ДУП), а според него, токму на таа локација не може да има пазар, тврди Министерството за транспорт и врски.
- Им излеговме во пресрет на пазарџиите од хумани причини и токму поради тоа општинската инспекција ја толерираше продажбата. Но, таа не може да се меша во работата на другите инспекциски служби, особено ако санитарната и пазарната инспекција преземат мерки. Општината нема ингеренции да ги спречи во тоа - велат во општината.


