» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Латас Омер паша и беговска боранија
Што друго очекуваше од човек кој се самоидентификува со турски вазал и крвник на својот народ? Од единствениот македонски новинар кој беше на аџилак кај Милошевиќ? Ако не постоеше, Латас мораше да се измисли, мил мој Македонецу! И мора да продолжи да пишува и да зборува, за да те посетува дека си лек Петко. И за „паши“ како него - само беговска боранија.
22:30 | 24.01.2010 | Автор: Бранко Героски
Пред некој ден добив писмо од читател на неделникот „Сега“ (ќе биде објавено), со едно интересно тврдење, кое се однесува на уредникот на Сител и на „Вечер“, Драган Павловиќ-Латас. Авторот на писмото вели дека Павловиќ својот прекар го има добиено по „македонскиот крвник, Србинот Михајло Латас (1806-1871) од Лика, кој во 1828 година оди во Босна, каде што ја прима муслиманската вера, влегува во турската армија под името Латас Омар-паша, а е познат по геноцидот извршен во Македонија врз интелигенцијата и врз еснафот“.
Ја проверив таа информација од повеќе извори на интернет и дојдов до заклучок дека нашиот читател знае што зборува. Имено, тој Михајло Латас, подоцна Латас Омер-паша, е позната историска личност. Го прима исламот во Бања Лука во 1827 година за да се спаси по некоја проневера на пари. Во Истанбул станува учител по цртање на престолонаследникот Абдул Меџид, а потоа, кога овој ја презема власта, почнува неговата војничка кариера, која се сведува на задушување во крв на побуните во Отоманската империја. Во 1850 година, крваво ја задушува побуната на босанските аги и бегови, а три години подоцна неуспешно се обидува да ја освои и Црна Гора, поради отпорот на Австрија и Русија.
Додуша, не наидов на податоци за „геноцидни“ активности на Латас Омер-паша на територијата на денешна Македонија, но се потсетив на една знаменита колумна на Павловиќ-Латас, под наслов „Скендербег“, во која тој (Павловиќ, повторувам!), пишува: „Михајло Латас, Србин од Јања Гора над Книн, како млад австроунгарски офицер оди во Истанбул и се става на располагање на султанот. Петнаесет години потоа, како Омер-паша, Латас (паша, а не беговска боранија) станува маршал на турската војска, а пред смртта во 1865 и шеф на генералштабот на тогаш најсилната војска во светот… Имал среќа Скендербег што умрел сто години пред Омер-паша Латас. Затоа, за некој што се презива Латас, Скендербег и останатата беговска боранија, и ден-денес се тоа што биле - провинциска малограѓанштина. Ахмети не читал до толку. Прашање е дали воопшто и читал нешто по она медицинско пусулче за неговиот лик и дело со швајцарски печат…“.Неверојатно, нели?! Оваа патолошка самоидентификација на Латас со својот славен презимењак кажува се за неговата вазалска природа, од која сака да изгради некаква херојска поза. А видовме што судбина го снајде откако деновиве во печатот беше посочен како соработник на разузнавачките служби на Милошевиќ, па откако за неколку часа доби диплома од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска дека не е шпион, за на крајот Јанкуловска да се самодемантира во стилот „тази дупка не е дупка“, а неговиот семеен пријател (според Павловиќ), премиерот Никола Груевски, да ја одмолчи целата афера. Неслучајно по Скопјево се шират гласини дека Латас сепак е пуштен низ вода.
..............


