» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Лекарската комора бара континуиран стручен надзор
13:45 | 04.03.2010 | Автор: МИА
Лекарската комора бара враќање на континуиран стручен надзор во сите здравствени институции по неколкуте смртни случаи на пациенти меѓу кои и родилки од Тетово, Гостивар и Прилеп. Од Лекарската комора сметаат дека со Законот за докторска дејност позицијата на докторот треба да биде подигната на ниво на официјално и службено лице и така да се третираат нападите кон него.
Доктор Мирјана Кочева од Етичкиот правен комитет при Лекарската комора по денешната средба со новинарите, во врска со последните смртни случаи на пациенти, изјави дека Комората отсекогаш заговарала превенирање на вакви случаи со оглед дека медицината не секогаш може да биде успешна.
- Има и медицински причини за ваков епилог, но превентивно би требало да се дејствува во смисла да се зајакне превентивниот стручен надзор кој е во надлежност на Министерството за здравство. Лекарската комора во повеќе наврати инсистираше и се уште инсистира и нуди своја стручна помош доколку е потребно за тој надзор да се одвива континуирано, истакна Кочева.
Според неа, надзор не треба да постои само кога нешто ќе се случи, туку постојано, за да се видат условите во болниците, кадарот, начинот на работа, како и обемот на пациенти и служба. Кочева не прецизираше од кога не постои континуиран стручен надзор и додаде дека тој се одвивал од време навреме и оти Лекарската комора инститира тој да биде континуиран, да ги опфаќа сите здравствени институции и да биде превентивно едукативен за да се избегнат несакани случаи.
Таа посочи дека во Лекарската комора досега не пристигнала пријава ниту барање за стручно мислење за било кој од последните смртни случаи за кои дознале од медиумите.
Претседателот на Лекарската комора д-р Владимир Борозанов одговарајќи на новинарско прашање за заштитата на лекарите, која не е прецизирана во ниту еден закон, рече дека при крај е проектот со Министерството за здравство за подготвување Закон за докторска дејност во кој поточно ќе се определи местото на докторот во овој процес, како и неговите обврски и права.
Една од новините на која се инсистира, посочи Борозанов, е докторот да биде третиран како официјално или службено лице со цел сите напади врз него така и да бидат третирани.
- Тоа би ја зајакнало позицијата на докторот и е една од придобивките со која би се спречил конфликт меѓу пациент и доктор на работно место како и физички напади врз доктори за кои малку се зборува во јавноста. Физичките напади врз доктори на работно место навистина излегува од рамките на коректното и законското однесување, рече Борозанов.
Во Лекарската комора велат дека не треба да се прави разлика меѓу приватното и јавното здравство од аспект на докторската позиција.
- Сите доктори без оглед каде работат за Лекарската комора се доктори и мора да ги имаат истите права и обврски, додаде Борозанов.


