Македонија и Словенија ја продлабочуваат културната соработка

12:30 | 26.03.2010 | Автор: МИА

Културната соработка меѓу Македонија и Словенија е на многу високо ниво и неа ја потвдуваат големиот број проекти во сите дејности, оценија министерките за култура на Македонија и Словенија Елизабета Канческа-Милевска и Мајда Ширца по средбата во Министерството за култура.
Канческа-Милевска изјави дека разговарале за конкретни активности кои ќе ја продлабочат соработката и пријателските односи на двете земји. Тие ќе бидат содржани во програма за култура, образование и наука која од македонска страна ќе му биде предложена и доставена на словенечкото Министерство за култура и усогласена и потпишана до крајот на годинава.
- Меѓу конкретните предлози за кои разговаравме е реализација на недела на македонскиот филм во Словенија и реципроцитетна во Македонија, изложби за промоција на македонската археологија и култура во Словенија и продолжување на активностите во Љубљанскиот процес - значаен за археолошкото и архитектонското богатство, во кој учествувавме со три проекти - за црквата во Охрид, Старо Нагоричане и Кратово, рече Канческа-Милевска. Таа ја поканила Ширца на министерската конференција на земји од ЈИЕ која се планира наесен во рамки на претседавањето на Македонија со Советот на Еврпа. Министерката за култура на Словенија Мајда Ширца истакна дека културата ги поврзува народите и различните идентитети и им помага тие да се отворат кон светот и да разменуваат искуства. Таа нагласи дека македонско-словенечката соработка е традиционална и интензивна во издаваштвото и преводите на книжевните трудови. - Ме радува иницијативата за кинематографијата. Тоа е можност словенечкиот филм да се претстави во Македонија не само на фестивалот во Битола, каде што традиционално е застапен, туку и македонскиот филм во Словенија, рече Ширца. Таа додаде дека има уште многу планови кои ќе бидат усогласени во програмата. Македонија ќе има можност да се претстави во Љубљана која годинава е престолнина на книгата, а во 2012 во Марибор кој тогаш ќе биде европска престолнина на културата. Ширца нагласи дека е задоволна од одѕивот на публиката на синоќешното отворање на изложбите „Современа словенечка архитектура 1999-2010“ и „Јоже Плечник (1872-1957), архитект во Љубљана, Прага и Виена“ во Музејот на современа уметност во рамки на 15. Биенале на македонска архитектура „БИМАС 2010“. Рече и дека со задоволство гледа на учеството на словенечки автори во архитектонското обликување на Скопје, пред се на објектот на Македонската опера и балет. По повод претстојната акција „Ден на дрвото“ двете министерки засадија дрвца во паркот кај Спомен-домот на Мајка Тереза.

Тагови (карактеристични поими за веста):
Македонија | Словенија |