» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Македонските репрезентативци типуваат за Давиденко
Русевски навива за Надал, Магдинчев за Федерер, но и двајцата најголеми шанси му даваат на Русинот
Најдобрите македонски тенисери, Предраг Русевски и Лазар Магдинчев, сконцентрирано ги следат случувањата на првиот грендслем-турнир сезонава, Отвореното првенство на Австралија. За омилениот тенисер двајцата колеги од репрезентацијата имаат дијаметрално спротивни мислења. Пецко е фан на Рафаел Надал, а на Лазар омилен тенисер му е Роже Федерер.
- Голем фан сум на Рафаел Надал и би сакал шпанскиот ас да успее да ја одбрани титулата во Мелбурн. Мислам дека со секој поминат ден неговата форма е се подобра и подобра. Сепак, како сериозен фаворит го посочувам Николај Давиденко. Тој континуирано игра во неверојатна форма, но не знам дали ќе успее да ја задржи до крај - изјави Русевски.
Во прогнозите за фаворит за тронот со Пецко се согласува и неговиот репрезентативен другар Магдинчев, кој типува на Русинот.
- За разлика од Пецко, јас навивам за Федерер. Но, Давиденко е во страшна форма. Доколку продолжи да игра во овој стил, Русинот е огромен кандидат за грендслем-титулата во Австралија. Во врска со прогнозите на женскиот дел од турнирот мислам дека работите се многу понеизвесни. Има многу конкурентки за да го освојат тронот на Серена Вилијамс, а мислам дека белгиските повратнички на тениските терени Ким Клистер и Жастин Анин & се најопасни конкурентки на црномурестата Американка - вели Магдинчев.
И Русевски и Магдинчев се разочарани што тенисот во Мелбурн загуби на убавина откако прекрасната Ана Ивановиќ загуби во второто коло. Во најинтересниот меч во второто коло, 20-та носителка загуби во три сета со 6-7, 7-5, 6-4 од Аргентинката Жизел Дулко. Освен Ивановиќ, од редовите на фаворитките на трибините се пресели и Германката Сабине Лисицки (21), која со 2-6, 6-4, 6-4 загуби од анонимната Италијанка Алберта Бријанти. Преостанатите фаворитки, како и нивните колеги на машкиот дел од турнирот имаа мирен ден.
Единствен за кој второто коло беше кобно е шпанскиот ас Давид Ферер (17), кој загуби во маратонскиот дуел од Маркос Багдатис од Кипар со 4-6, 3-6, 7-6, 6-3, 6-1.


