» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Милошоски: Датумот за преговори со ЕУ не зависи само од Македонија
Љубљана, 26 јануари - Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ не зависи само од Македонија, туку и од Грција кај која треба да преовладее прагматизмот, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски синоќа по отворањето на новите простории на Македонската амбасада во Република Словенија.
- Дали ќе ја постигнеме целта - добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, не зависи само од нас. Ќе се потрудиме да направиме се што е во наша моќ, вклучително да ги интензивираме и нашите дијалози со соседна Грција за билатералниот спор. Но, дали прагматизмот и разумот ќе преовладеат кај официјална Атина не би можел да одговорам. Се надеваме, иако засега немаме охрабрувачки сигнали, рече шефот на македонската дипломатија.
Милошоски информира, јави известувачот на МИА, дека се уште нема одговор на македонската иницијатива за средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Димитриос Друцас на маргините на Конференцијата за иднината на Авганистан што утре ќе се одржи во Лондон.
Министерот Милошоски потенцира дека освен прашањето за името, трговските економските, културните, безбедносните прашања, како и подигањето на нивото на канцелариите за врски во амбасади можат да бидат тема на разговор.
- Ако навистина реториката оди во насока на добрососедските односи тогаш треба и делата и содржината да го покажуваат тоа. Македонија е подготвена за збогатување на соработката и се надеваме дека и Грција ќе покаже подготвеност повеќе од она што досега реторички го прокламира, порача министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој се наоѓа во официјална посета на Љубљана.
Според него, добар сигнал е залагањето на Словенија и на неколку други земји кои во текот на шпанското претстедателство со ЕУ се обидуваат прашањето на Македонија и на Западен Балкан и неговото интегрирање во ЕУ да не остане заборавено.
Македонија ќе вложува напори да остане забележана, и со своите дипломатски активности и со внатрешните реформи, потенцира министерот Милошоски и изрази очекување дека ова полугодие ќе биде искористено за сопствена промоција на земјата.


