» Најкоментирани од последната недела:
Милошоски: Немаме ништо против Филе да се сретне со Нимиц
На Македонија не и пречи зголемениот интерес на Европската Унија за разговорите за името бидејќи има конструктивен пристап и нема што да крие во овој спор, изјави денеска министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред седницата на собраниската Комисија за надворешна политика.
Прашан да ја коментира најавата за средба на еврокомесарот за проширување Штефан Филе со медијаторот во спорот со името Метју Нимиц, шефот на дипломатијата рече дека за тоа бил информиран од еврокомесарот во Кордоба, на министерскиот состанок што го организираше шпанското претседателство.
- Немаме ништо против. Сметаме дека дополнителното информирање на врвните членови на Европската комисија во однос на овој билатерален спор што Грција го злоупотребува во контекст на европските интеграции, Македонија може да има само корист. Ваквата проактивна улога и зголемен интерес нам не ни пречи бидејќи Македонија нема што да крие во овој спор и сметаме дека нашиот конструктивен пристап е она за што би можело да биде посведочено и од посредникот Нимиц, истакна Милошоски.
За тоа што следно би можеле да очекуваме од медијаторот, вели шефот на дипломатијата, зависи од Нимиц. Напредокот во спорот, според Милошоски, е условен од ангажманот на Македонија и на Грција.
- Ние досега го даваме нашиот максимум. Грција, за жал, во изминативе 18 години нема покажано никаков сигнал што може да не доведе до компромис и кој што би бил прифатлив, посочи Милошоски.
За тоа дали Македонија очекува помош за спорот со името од Вашингтон, Милошоски рече дека односите со САД се многу добри и оти во последната година нивниот интерес за нас е постојан и се очекува тој да продолжи.


