» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
МПЦ и СПЦ на тајни преговори?
Иако не бил постигнат конкретен договор, сепак, според нашите извори, тоа е позитивен сигнал за долгогодишниот проблем.
20:45 | 25.01.2010 | Автор: Ема Николовска
Македонската црковна делегација во Белград, која присуствуваше на изборот на новиот српски патријарх Иринеј, остварила неофицијални средби со високи црковни лица од Српската православна црква на која било договорено побрзо решавање на проблемот со името меѓу двете цркви, дознава „Шпиц“. Иако не бил постигнат конкретен договор, сепак, според нашите извори, тоа е позитивен сигнал за долгогодишниот проблем.
Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, кој присуствуваше на назначувањето на патријархот Иринеј, тврди дека посетата на македонските владици била од формален тип.
- Нашата посета во Белград беше од куртоазен тип и немавме официјална средба со претставниците на СПЦ - ни изјави г. Петар.
Сепак, тој не негираше дека во Белград дошло до неофицијални контакти со претставници на СПЦ, но не биле прецизирани конкретни чекори за почеток на каков било дијалог.
– Неофицијални средби сме имале и ќе имаме и натаму, но не можеме да прогнозираме како ќе се одвиваат понатамошните односи. Се надеваме дека со новиот патријарх Иринеј, кој е комуникативен, кроток и смирен, ќе имаме коректен однос. Тој до сега беше во делегациите кои преговараа и кон МПЦ се однесувал без навреди, па се надеваме дека и идните односи ќе се одвиваат во тој дух. Тоа се наши очекувања - вели г. Петар.
Како што дознаваме, свечената интронизација на новоизбраниот српски патријарх Иринеј ќе се случи најрано на 18 април годинава, а пред тој датум е невозможно да се случат какви било средби меѓу делегациите на СПЦ и МПЦ, со цел да се продолжат преговорите околу решението на црковниот проблем меѓу двете цркви. Според извори во Белград, свеченото востоличување на патријархот Иринеј, ќе се случи најдоцна по Велигден, по што Саборот на СПЦ планира да ги стави на дневен ред крупните одлуки кои подолго време се одлагаа.
- Имаме нова состојба, конечно по долго време, ќе се дознае како СПЦ ќе оди понатаму. Сите крупни работи за Саборот се оставаат за мај кога Саборот ќе има редовна седница - тврди епископот далматински г. Фотиј за „Вечерње новости”.
За сега, според официјални изјави на патријарх Иринеј, приоритет на СПЦ е Косово и унапредувањето на внатрешните состојби во црквата, но познавачите на црковните состојби не ја отфрлаат можноста СПЦ свесно да ги држи во тајност преговорите со МПЦ. Тоа што може да се насети низ изјавите на српските владици е дека дијалогот со МПЦ е маргинализиран и не се спомнува директно.


