Насмевката на Мона Лиза, стар сликарски трик

15:30 | 18.03.2010 | Автор: e-reporter
Ако гледате во нејзините очи, на ликот на Мона Лиза ќе ве заведе суптилна насмевка, но ако ја погледнете во устата, насмевката исчезнува...
Мистериозната насмевка на Мона Лиза е всушност трик што е направен со специјална сликарска техника, тврдат австриските стручњаци. Тие во својата анализа истакнуваат дека на ремек делото на Леонардо Да Винчи, лицето на Мона Лиза делува целосно различно, во зависност од тоа на кој дел од лицето ќе се фокусира погледот.
Ако почнете да гледате од нејзините очи, на лицето на Мона Лиза ќе здогледате суптилна насмевка, но ако го пренасочите погледот на нејзината уста, насмевката исчезнува.
Професорот Флориан Хатслер, психолог на Центарот за неврокогнитивни истражувања во Салцбург, тврди дека Леонардо Да Винчи искористил умна сликарска техника за да го измами оној што го гледа делото. Славниот Леонардо ја создал оваа илузија користејќи ја техниката „сфумато“, односно техника на вешто избегнување на претставување на остри форми и со сенчење да се создадат магловити делови кои оставаат силен впечаток кај гледачот, тврдат научниците во магазинот „Психолоџикал“.