Нимиц: Атина и Скопје со различни позиции

15:15 | 26.02.2010 | Автор: e-reporter
Посредникот во македонско-грчкиот спор околу името изјави денеска дека Скопје и Атина имаат различни гледишта по прашање на името, но оти верува дека „постои основа на која може да се работи“.
„Ова беше многу добар, отворен и чесен дијалог, при што беше разгледан текот на преговорите што се водат под закрила на ОН и разменети мислења за актуелната ситуација“, изјави Метју Нимиц по разговорите со грчкиот алтернативен шеф на дипломатијата Димитрис Друцас кои траеја 30 минути.
Нимиц допатува во Атина по посетата на Скопје и во текот на денот ќе има средба и со грчкиот премиер Јоргос Папандреу.
Посредникот на ОН повтори и во Атина дека преговорите се водат за името и оти тоа „останува суштинско прашање“, додека другите прашања остануваат вторстепени.
Нимиц не спомена кои се другите прашања, иако македонскиот премиер Никола Груевски јасно стави на знаење дека Грција го негира македонскиот идентитет, јазик и нација, прашања што доколку Атина не го смени односот за нив, не создаваат основа врз која може да се бара компромисно решение.