» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Одделни истражни дејствија за случајот со малата Ангела
Прилепското обвинителство поднесе предлог за одделни истражни дејствија против непознат сторител за случајот со малата Ангела од мариовското село Дуње која без трага и глас исчезна минатото лето, а по шест месеци нејзините останки беа најдени на 6 километри од селото.
Пред истражен судија ќе се најдат сите кои дента имале контакт со Ангела. Станува збор за 7 до 10 лица од селото вклучувајќи ги и родителите, вели јавниот обвинител Томе Неделкоски.
Според Обвинителството, ова значи дека постои основано сомневање оти е сторено кривично дело повреда на семејните обврски. Кривичното дело се однесува на запоставување на лицето кое не можело само да се грижи за себе. Тоа упатува на родителите на Ангела, објаснуваат во Обвинителството. Таму го чекаат и психијатриското вештачење за менталната состојба на мајката на девојчето.
Со сите дејства што сега ги презема Прилепското обвинителство всушност ќе се утврдува како малата Ангела стигнала до местото каде што беа најдени нејзините останки, пет до шест километри далеку од родното село Дуње. Дали се загубила или некој ја однел таму.
Шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска исчезна без трага и глас на 23 јули минатата година од сред село. И покрај обемната потрага, девојчето не беше најдено. Дури по шест месеци беа најдени детски коски во атарот на селото Пештани на околу шест километри од селото Дуње каде што полицијата не пребарувала. Анализата покажа дека станува збор за шесггодишното девојче. Остана енигма како тоа дошло таму.


