» Најкоментирани од последната недела:
» Најчитани од последната недела:
Охридско езеро порасна за уште еден сантиметар
12:15 | 26.02.2010 | Автор: МИА
Нивото на водата во Охридското езеро денеска бележи зголемување од еден сантиметар во однос на вчерашниот ден и е на плус 21 сантиметар од горната утврдена граница. Состојбата во охридско-струшкиот регион, според проценката на Центарот за управување со кризи, е стабилна и нема дополнително влошување. Нивото на реките Сатеска и Коселска, кои се влеваат во езерото е во опаѓање, па оттука денеска се очекува стабилизирање на водата во Охридското езеро, а од утре и тенденција на опаѓање на нивото. Електрани на Македонија го регулираат испустот на вода од портите на реката Црн Дрим во Струга, за да не се дозволи излевање долж патот Струга-Дебар.Според последните информации на Министерството за транспорт и врски, магистралниот патен правец Струга – Дебар кај месноста Луково е прооден, а сообраќајот се одвива нормално по двете коловозни ленти. Во итна интервенција, механизираните екипи на ЈП „Македонија пат“ го расчистија патот што беше поплавен во должина од 150 метри и висина од 60 см. Координативното тело за превенција од природните непогоди, составено од претставници на релевантните институции, е во постојан мониторинг и подготвено е да ги преземе сите неопходни мерки за заштита.Поради постоење можност дека по обилните врнежи од дожд и покачувањето на подземните води може да дојде до мешање на водата со фекалиите од септичките јами, екипа на Координативното тело за превенција од природни непогоди во Пештани превентивно изврши механичко чистење и дезинфекција на водата од водоводот. Се очекува дека престанокот на врнежите и развредрувањето ќе ја поправи хидролошката состојба со нивото на езерото и високиот водостој на реката Црн Дрим, но проценките покажуваат дека сепак за тоа е потребно време.За нивото на Охридското Езеро, што има површина од 358 километри квадратни, да се покачи еден сантиметар потребни се околу исто толку милиони метри кубни вода. Доколку истекот на вода од Црн Дрим е некаде 50-тина метри кубни во секунда, тоа значи дека за нивото на езерото да се намали за еден сантиметар се потребни околу четири дена. Ако се има предвид дека нивото на езерото во моментов е некаде 21 сантиметри над горната граница, за истекување на таа вода од езерото се потребни три месеци.


